Конечно: Пратениците од мнозинството и опозицијата едногласни околу закон за отпишување на каматите од долгови

1959 Views Јуни 7, 2018 Бизнис Никола Осило

Пратеничката Соња Мираковска од владејачкото мнозинство денеска на прес-конференција изрази задоволство што парламентарни партии постигнаа консензус за предлагање и усвојување на закон за отпишување на камата за наплата на долгови.

Предлог-законот, како што истакна Мираковска, е од исклучително значење за граѓаните на Република Македонија.

„Законот за отпишување на камата за наплата на долгови, што го предложивме вчера, обезбедува отпис на затезната односно казнената камата, која се однесува на главниот долг и на трошоците на постапката за комунални дејности, електрична, топлинска енергија, вода и смет, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, вклучувајќи ги и трошоците на постапката од страна на должникот“, рече пратеничката од НСДП.

Решението е поддржано и од опозицијата, а претходно денеска прес-конференција одржа и пратеникот Панчо Минов.

„До ова решение дојдовме по повеќе месечна консултација меѓу пратеничките групи во Собранието, Владата, како и најголемите доверители, кои на наше инсистирање искажаа подготвеност да излезат во пресрет на потребите на граѓаните, за што ние особено се залагавме“, рече таа.

Предложениот закон предвидува отпишување на каматата што се пресметува од поднесување на тужбата за присилна наплата на паричниот долг, до конечна исплата на паричното побарување.

„Станува збор за проблем со кој граѓаните се соочуваат од 2011 година, кога извршните предмети од судовите се пренесени кај нотарите, а потоа тие завршуваат кај извршителите. Во тој процес најголеми жртви се граѓаните кои се соочија со огромни затезни и казнени камати за предмети за кои не биле ни свесни дека постојат, ниту пак дека има предлози за присилна наплата“, рече Мираковска.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!