„Партија на исцелители“ може да биде клучен фактор во македонската политика

Четворица млади богданчани вчера беа уапсени на браната „Паљурци“, бидејќи кај нив била пронајдена марихуана. Ова е само еден од низата примери во кои млади луѓе во Македонија имаат проблеми со законот, бидејќи пушеле или поседувале „трева“.

Често се случува освен парична казна младите да завршат и во затвор, што е дискутабилно кога е правдата во прашање, а посебно ако се земе предвид какви се политиките по ова прашање во развиените земји од Западот.

Имено, поседувањето марихуана е декриминализирано во повеќето земји во Европа.

Канада деновиве целосно ја легализира употребата на марихуаната, а за медицински цели дозволи користење уште пред 16 години. Канада е првата во групата на седумте најразвиени земји на светот, а втора после Уругвај која што целосно ја легализира марихуаната.

Во Канада, со остри казни ќе се соочат само оние кои што марихуаната ќе им ја продаваат или ќе им ја даваат на малолетниците. Младите Канаѓани инаку важат најактивно корисници на марихуана во светот.

Целта на владата на Џастин Трудо е со новите закони, односно со легализацијата и стриктниот режим на продажба, да придонесе марихуаната да стане недостапна за најмладите.

Во Македонија политичарите бегаат од прашањето на легализација на употребата на марихуана, што наскоро би требало да се смени ако се земе предвид политичката моќ на корисниците на тревата од аспект на нивната бројност.

Пред некој ден, на проекцијата на филмот „Исцелител“ во Градскиот парк се појавија меѓу пет и шест илјади лица, претежно млади.

Без да се алудира дека сите во публиката се корисници на трева, самиот интерес за тематиката на овој филм, кој патем има огромна уметничка вредност, покажува каков би бил односот на толкава маса народ кон прашањето на легализација на марихуаната во Македонија.

Така што, познавајќи ги апетитите на македонските политичари треба да се очекува дека во иднина во борбата за гласови ќе го артикулираат прашањето за легализација на употребата на марихуана, бидејќи во спротивно е извесно дека ќе дојде до формирање на нови „партии на исцелители“ кои лесно би можеле да имаат пресудна улога во парламентарните клупи и воопшто на македонската политичка сцена.

Фото: Фејсбук/Градско кино милениум

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!

Најчитани вести