(Фото) Планинарски марш за Рацин до споменикот во Лопушник: Една свеќа за него, една за Калина

Планинарско-еколошките друштва „Ендорфин" и „Бистра" од Кичево вчера го организираа 22. меморијален планинарски марш, по повод 75 години од трагичната смрт на големиот македонски книжевен деец и активист Коста Солев Рацин (1908 - 1943) на Лопушник.

Кон овој марш се приклучија планинарски друштва од Скопје, Велес, Куманово, Битола, Охрид кои од организаторите добија благодарници за учеството и поддршката на „Цвеќе за Рацин“.

Планинарите тргнаа од село Извор и се искачуваа до врвот Стог, каде што се наоѓа споменикот на 1.576 метри надморска височина. Таму, оставија свежо планинско цвеќе и прочитаа фрагменти од творештвото на Рацин.

Игор Смилев од еколошката групација „Грин Пауер“ од Велес пред присутните планинари кажа што ликот и делото на Рацин претставуваат за овој, град и државата но и дека неговото творештво е авангардно и актуелно и во денешно време, и речиси ненадминато.

Давор Јанкулоски од планинарско еколошко друштво „Ендорфин”, пак, ги оживеа стиховите на Рацин, кои одекнуваа во околните планини на кои е распослана густа високостеблеста шума, ливади со полски цвеќиња и убавина која може да биде инспирација на секој поет.

Од врвот, планинарите се спуштија длабоко во шумата, каде што првично се наоѓал гробот на Рацин, пред тој да биде пренесен во Велес.

На неговиот гроб беше оставено свежо цвеќе, но и беа запалени две свеќи. Една за него, една за планинарката Калина Велевска која животот го загуби на Кајмакчалан.

„Овде освен на Рацин, би сакале да и оддадеме почит и на Калина која лани присуствуваше на овој настан и даде огромна поддршка, но и промоција. Да ги поздравиме со едноминутен молк“, рече Јанкулоски.

На тоа место се прочитаа и две песни од Рацин, помеѓу кои и ремек-делото на Рацин, „Ленка“. На маршот присуствуваше и 25-годишната Американка, Haley Hogenkamp која само 8 месеци е во Македонија и научи наизуст да го рецитира големиот Рацин. За неа, Рацин, е најголемиот поет, а неговата поезија вонвременска. Таа е волонтер од мировниот корпус на САД во Македонија, а живее во Велес.

Враќањето низ длабоката шума, на која можеа да се видат различни креации на природата, не следеше духот на Калина.

Планината и шумата оддекнаа со „Назад, назад Калино моме“, иако секој од нас добро знае дека нема назад. Единствено што ќе остане е да се негува споменот за неа.

Турата, чија што должина на патеката изнесува 12 километри во еден правец, помина преубаво со попатни одмори на лековитата вода, поглед кон живописното село Кленоец, каде што и таму има споменик за загинати Партизани, но и уништената природа за целите на автопатот Кичево-Охрид.

Колскиот пат кој води до ливадата кај Долни Лопушник е проширен за потребите на нелегалните сечачи на дрва, чиј што звук на моторна пила не следеше се до искачувањето на врвот. За тој масакр на шумата што таму се прави, нема соодветна казна, пропишана со закон.

Општина Велес од 13 до 15 јуни исто така ќе организира настани по повод 75-години од загинувањето на Рацин.

Целата програма може да ја погледнете ОВДЕ.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.