(ВИДЕО) Денис Родман се расплака по историската средба меѓу Трамп и Ким Џонг Ун

628 Views Јуни 12, 2018 Свет Никола Осило

Еден од најконтроверзните кошаркари од НБА, Денис Родман денеска се расплака во телевизиско интервју во Сингапур каде што присуствува на историската средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

Родман, кој е личен пријател и на двајцата лидери бил трогнат од разврската на тензиите меѓу двете земји и неговата улога во овој процес.  

Инаку, Белата куќа соопшти дека тет-а-тет состанокот на Трамп со Ким траел 38 минути, а Би-Би-Си оценува дека тоа особено кусо доколку се земе предвид времето потребно за преведување.

„Голем напредок. Навистина многу позитивно. Мислам дека е подобро отколку било кој што очекуваше“, изјави Трамп.

САД и Северна Кореја потпишаа заеднички документ на билатералната средба на врвот. Трамп не објасни каков документ е потпишан и само наведе дека тоа е „сеопфатен“.

Неименуван американски официјалн претставник изјави за Си-Ен-Ен дека се работи за „договор со кој се потврдува напредок во разговорите и ветување да се продолжи со исто темпо“.

Тој изјави дека денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров ќе почне „многу брзо“ и дека воспоставил „многу посебна врска“ со Ким кого го поканил во посета на Белата куќа.

Ким ја поздрави денешната „историска средба“ и рече дека двајцата лидери го надминале минатото и дека светот ќе биде сведок на големи промени.

Американски медиуми јавија дека никакви официјални случувања не се планирани се до обраќањето на Трамп пред новинари закажано за 16 часот по локално односно 10 часот претпладне по централноевропско време.

Според Шангајската медиумска група, Ким (35) на местото на состанокот пристигнал седум минути порано пред 71-годишниот Трамп за да покаже почитување кон постариот.

Целта на тие историски раговори е изнаоѓање начини за прекин на нуклеарното одмерување на силите на Корејскиот полуостров.

Доколку успее самитот, тоа може да донесе трајна промена на безбедносен план во североисточна Азија.

Според експерти за говор на тело, за време на 13-те секунди колку што траеше ракувањето, американскиот претседател вообичаено се обидел да покаже своја доминација со тоа што прв пружил рака и го допрел севернокорејскиот лидер по рамото.

Ким цврсто ја стиснал раката на Трамп гледајќи го во очи за време на ракувањето пред двајцата да се свртат кон медиумите.

„Тоа не е обично ракување. Беше горе-долу, беше нервозно, двајцата повлекуваа кон себе другиот. Двајцата не го пуштаа оној другиот да биде доминантен“, изјави Ален Пис, австралиски експерт за говор на телото.

Фото/Видео: Си-ен-ен

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!