Николовски: Младите претприемачи треба да ги промовираат македонските производи на домашен и странски пазар

Влатко Николовски е маркетинг-менаџер во компанијата „Урбан инвест“, најголемиот производител на павер и терастон елементи во Македонија и Балканот. Тој две години е дел од фамилијата која, како што вели не престанува да се шири, гради и доминира во своето поле на македонскиот, но и на странскиот пазар. 

„За успехот на нашата секојдневна работа зборуваат илјадниците метри квадратни пополочени патеки, дворови и јавни установи. Мојата улога во компанијата „Урбан инвест“ е да ја претставам нашата компанија и нашите производи на потенцијалните клиенти кои се надвор од нашата држава. Бидејќи целите на нашата компанија се да бидеме конкуренти на европскиот пазар со извонреден, квалитетен македонски производ“, вели Николовски во интервју за „еМагазин“. 

Имајќи предвид дека многу млади се иселуваат, не можејќи да најдат работа и перспектива во државата, што е тоа што вас ве задржа овде?

-Постојат повеќе причини кои ме држат да останам дома. Најбитни од нив се љубовта кон семејството и кон татковината. Но, исто така една од причините поради која сум одлучил да останам се и можностите кои ги нуди приватниот сектор, можности за да се започне свој  бизнис, да се промовираат идеи и иновации на домашниот пазар. Не се согласувам со тврдењата дека нема работа.

Секој може да успее доколку работи на своите вештини и добро го истражи пазарот на трудот. Видете, не тврдам дека е лесно да се прооди патот до успехот. Факт е дека во нашата држава како и во повеќето на Балканот постојат пречки, проблеми посебно во приватниот сектор, сведоци сме на експлоатација на работна сила, но со имплементирањето на европските пракси и закони тие пречки се повеќе и повеќе се намалуваат. Целта на секој млад претприемач треба да биде промоција на наши производи, услуги и идеи на домашниот и странски пазар.

Две години дел од тимот на „Урбан инвест“ што е тоа што ја прави компанијата успешна толку долго на македонскиот пазар и пошироко?

-„Урбан инвест“ постои повеќе од 27 години како водечка компанија која произведува павер и терастон производи.Успехот се должи на неколку клучни причини и тоа следење на најновите светски трендови, инвестирање во најнова опрема за производство и преработка, чекор пред другите со нови производи.
И најважно од се инвестирање во својот кадар преку  месечни семинари и обуки кои се клучни за да може една компанија да функционира во секој сегмент производство, продажба, дистрибуција или пак секторот на маркетинг. 

Како еден просперитетен маркетинг менаџер кој успешно чекори во оваа држава, кој е твојот совет за оние кои се трудат да успеат без да заминат во странство?

 - Најважни се три работи. Истражување на пазарот на трудот пред се. Кои работни позиции се најбарани и кои од тие најмногу би му одговарале на секој еден кој е во потрага по работа. Константно надоградување на своите вештини. Постојат многу организации кој нудат бесплатни семинари и обуки кои никако не треба да се пропуштаат, тоа е можност да се здобијат нови знаења, да се зголеми бројот на нови познанства. Големи се шансите на обуките да го запознаете вашиот иден шеф.

Исто така не треба да се одбива да се работи како волонтер или да се работи за почетна плата пониска од просечната. Целта е да се збогати знаењето, а воедно да се збогати CV – то. Кога ќе се збогатат знаењето, искуствата и работните позиции во Cv јас сум убеден дека значително ќе се зголеми и платата.Покрај надоградувањето на своите работни вештини треба да се работи и на карактерните особини или на тоа “Кој/а сум јас”.Покажете дека сте ведри, амбициозни, спремни на предизвици, доверливи и пред се дека сте полни со самодоверба.Некои се родени со овие особини ,но исто така истите можат да се совладаат доколку се вложи одреден труд.

Менаџерската позиција што моментално ја извршуваш сигурно има свои предизвици и е доста исцрпувачка. Кој е твојот начин за баланс помеѓу работата и приватниот живот?

-За да се постигне баланс помеѓу работата и приватниот живот потребна е добра организација на работните обврки и времето. Иако брзото темпо не ми остава место за да можам секогаш се навремено да завршам, но се држам строго до своите цели и приоритети и се трудам да менаџирам со времето и работните обврски и со тоа постигнувам баланс.

Некои од лекциите кои ги научив се повеќе работа не значи, добро завршена работа; никогаш не носи ги работните обврски дома.Секојдневно се трудам во слободно време да го посветам на себе и на моите најблиски.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Најчитани вести