„еМагазин“ се ИЗВИНУВА на Скопски пазар за клевета и нарушување на угледот

„еМагазин“ и се ИЗВИНУВА на компанијата Скопски пазар во врска со наводите во текстот „Судот го прифати обвинителниот акт против првите луѓе на Скопски пазар“, со кои, медиумот сторил клевета, а со тоа и нарушување на угледот на овој правен субјект.

Согласно одредбите од член 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета „еМагазин“ јавно ги повлекува невистинитите наводи цитирани подолу, и ѝ се извинува на компанијата.

Имено, во текстот на „еМагазин“ се вели:

„Медиумите во земјата веќе објавија, повикувајќи се на јавно објавени документи на компанијата, дека Скопски пазар во 2007 година потрошил значаен износ на парични средства за откуп на сопствени акции кои потоа биле повлекувани непосредно по нивното купување.“

Од компанијата демантираат дека:

„Неточни се наводите дека, хартиите од вредност биле повлечени непосредно по нивно купување. Хартиите од вредност биле повлечени по период подолг од една година, па оттука, во никој случај не станува збор за повлекување непосредно по купувањето“.

Според „Скопски пазар“, друг спорен дел во текстот е:

„Изминативе месеци, Скопски пазар е актуелен со информациите за продажба на атрактивни недвижнини, доцнење на плати и придонеси, задолженост со милионски кредити и затворање на сите супермаркети во Скопје, кои беа заштитен знак на Скопски пазар“.

Од компанијата велат дека:

„Скопски пазар во изминатите месеци нема извршено продажба, на како што наведувате, атрактивни недвижнини, па со тоа и вашите наводи се невистинити. Од друга страна пак, во моментот на објавување на насловниот текст, правниот субјект ги има подмирено сите плати и придонеси кон вработените. Во однос пак, на склучените договори за кредити на правниот субјект, наведувате тенденциозни наводи како „задолженост со милионски кредити“. Скопски пазар како реномиран правен субјект, кој согласно деловниот потфат, припаѓа меѓу најголемите правни лица во Република Македонија. Во конкретните општествени и економски услови, како и секое друго правно лице, со цел реализација на деловните потфати, има потреба од кредитирање, па така и Скопски пазар склучува Договор за кредит со домашни банки. Па оттука, ваквата околност настојувате да ја извадите од контекст и да ја прикажете како наводна презадолженост, односно како околност преку која сакате да издејствувате негативна перцепција за правното лице.“

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.