Влада: Наместо да ја кочи иднината на Македонија, Иванов сам да се изолира од политичката сцена

Владата на Република Македонија со жалење констатира дека претседателот Ѓорге Иванов во своето обраќање до јавноста не успеа да се издигне над сопствената немоќ и да ја види перспективата што се отвора пред нашата држава со договорот што овие денови го финализираа и го договорија владите на Република Македонија и на Република Грција, наведува Владата на РМ во реакција за денешното обраќање на претседателот Иванов, кој рече дека текстот на договорот со Грција е штетен и нема да го потпише.

Во соопштението Владата посочува дека претседателот Иванов нема чувство на одговорност и презема дејства на недозволива манипулација со што, како што е наведено, им штети на државата, на граѓаните и директно дејствува против јакнењето на македонскиот идентитет.

„Иванов не се залага за решенија и не работи за интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ, а тоа за граѓаните се приоритети од највисок национален интерес. Наместо да ја кочи македонската иднина и да ја турка нашата земја во изолација, најдобро е Иванов сам себеси да се изолира од политичката сцена.

Свои сме на своето и тоа конечно е признаено од сите наши соседи, од Република Грција и од меѓународната заедница. Со овој договор се потврдува и зајакнува македонскиот етнички и културен идентитет, еднаш засекогаш“, пишува во реакцијата на Владата на РМ на обраќањето на претседателот Ѓорге Иванов.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!