Бугарија го прифаќа договорот меѓу Македонија и Грција, Иванов треба да биде водач на дијалогот

Бугарија е многу загрижена од ескалацијата во Македонија во врска со договорот за новото име на државата, рече бугарскиот претседател Румен Радев на денешната прес-конференција во Софија по средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

Радев го повика Иванов да не биде само учесник, туку и водач во дијалогот меѓу институциите во Република Македонија, бидејќи, како што истакна, тоа е важен услов за постигнување на стратешките приоритети - членство во ЕУ и НАТО.

„Бугарија го прифаќа договорот меѓу Македонија и Грција за името, особено заради тоа што ќе ги отстрани пречките на патот на Македонија кон ЕУ и НАТО, рече Радев.

Бугарската поддршка на договорот за името, како што истакна, е поврзана со стриктно почитување на договорите што Скопје и Атина ги имаат со Софија.

Шефот на македонската држава Ѓорге Иванов во Софија требаше да се сретне и со бугарскиот премиер Бојко Борисов и бугарската министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, но средбите во последен момент беа откажани.

„Не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на нашиот сосед. Нашата позиција е принципиелна и јасна, како и на целата меѓународна заедница. Бугарската Влада не гледа причина да биде искористена за внатрешно-политички дебати во Скопје. Клучно за идниот развој на нашата соседна држава е интеграцијата во ЕУ и НАТО и тоа да не се доведува во прашање“, се наведува во соопштението од Владата на Бугарија.

Фото: presstv.bg

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!