Димитров: ЕУ ќе ја препознае шансата и ќе биде дел од овој успех

Договорот е клуч кој отвора врата кон ЕУ, а пак земјите членки ќе ја препознаат шансата да обезбедат иднина за Унијата, порача денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров по потпишувањето на Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство во интервју за ТВ „24 вести“.

- Меѓу главните мотиви зошто овој договор го правиме е да ја отвориме вратата кон Европската Унија. Имаме девет позитивни извештаи, препораки за почеток на преговори, кандидат сме од 2005 година односно веќе 13 години. Вратата беше заклучена поради спорот околу името и сега кога го најдовме клучот и ја отвораме таа врата ќе биде многу лошо ако има уште една врата зад неа, рече Димитров.

Во однос на некаква друга блокада од земјите членки на ЕУ за Македонија, Димитров рече дека прашањето и влогот е преголем за било која земја членка, особено за тие што се столбови на иднината на Европа и кои носат посебна одговорност каде оди ЕУ.

- Мислам дека ќе ја препознаат шансата и ќе бидат дел од овој заеднички успех, потенцира Димитров.

Фото: Влада

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.