Град Скопје формираше нова фирма за енергетски дејности, БЕГ велат тие имаат лиценци

На денешната седница, со одлука на Советот на Град Скопје, се основа новото јавно претпријатие „Градски Енергетски Системи АД Скопје“ кое ќе врши енергетски дејности.
 
„Ова акционерско друштво за подрачјето на Град Скопје ќе врши снабдување на природен гас и топлинска енергија, како дејности од јавен интерес од локално значење. Се создаваат услови за преземање на топловодната мрежа и започнува да се имплементира процесот на гасификација на градот, во кој граѓаните на Скопје во претстојната грејна сезона ќе можат да почнат да ги користат услугите на новото јавно претпријатие“, се вели во соопштението на Град Скопје.
 
На ова, денеска реагираше и  БЕГ (Балкан енерџи груп) АД, во чие што соопштение се вели дека компаниите се деловни субјекти кои поседуваат важечки лиценци за производство, диструбуција и снабдување со топлинска енергија на територија на градот Скопје.

„Согласно обврските кои произлегуваат од овие лиценци, издадени според важечката законска регулатива и подзаконските акти, од страна на државната Регулаторна комисија за енергетика, компаниите во состав на БЕГ АД: Производство на топлина – Балкан енерџи, Дистрибуција на топлина – Балкан Енерџи и БЕГ-Снабдување со топлина, функционираат редовно и согласно на своите деловни и оперативни планови ги реализираат сите планирани зафати, како и непоходните ремонти и подготовки на системот за грејната сезона 2018/2019.

Сите наши активности се одвиваат во согласност со законите на Република Македонија и согласно со одредбите на важечките лиценци, па оттука ние продолжуваме со нашите активности за подготовка на новата грејната сезона, во интерес на потрошувачите“, се вели во соопштението на БЕГ.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.