Детален преглед: Колку граѓани излегоа на двата референдуми во Македонија?

Со оглед на тоа што македонските граѓани во септември ќе треба да се изјаснат во однос на промена на името на зeмјава во Република Северна Македонија, а по најавите дека е можно да се смени цензусот за успешност на референдумот интересно е да се види како минаа досегашните рефeрендуми на државно ниво.

Во Македонија досега имало само два референдуми на државно ниво односно првиот во 1991 година за осамостојување на нашата земја и вториот против новата територијална поделбаа на локалната самоуправа во 2004 година.

„Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“ гласеше прашае на референдумот во 1991 година на кој, според официјалните податоци, од 1.495.807 запишани гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85%, а од вкупниот број граѓани кои гласале на референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 гласачи.

Во официјалниот извештај на Комисијата за спроведување на референдумот се вели дека за начинот на кој беше спроведен не беа поднесени приговори или жалби поради неправилности или повреди на одредбите на Законот за републички референдум.

Комисијата ја констатираше масовноста на граѓаните со право на глас во Република Македонија кои се изјасниле „за“ самостојна и суверена Македонија.

Референдумот од 2004 година бил распишан со цел изјаснување на граѓаните во врска со новоусвоениот Закон за територијална поделба на Република Македонија и бил одржан на 7 ноември 2004.

Согласно Уставот на Република Македонија и Законот за референдум и граѓанска иницијатива од 1998, а по барање на 180.454 граѓани на Република Македонија со право на глас, Собранието на Република Македонија на 3 септември 2004 година го распишало задолжителниот референдум за територијалната организација на Република Македонија.

На овој референдум гласачите со за и против се изјаснуваа по прашањето:

„Дали сте за територијалната организација на локалната самоуправа (општините и Градот Скопје) утврдена со Законот за територијалната поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/96) и Законот за градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија бр.49/96)?“.

Гласањето се одвивало на 2.973 гласачки места, при што целата територија на Република Македонија беше една изборна единица.

На референдумот мнозинството од 427.112 гласачи се изјасниле против новата територијална поделба, а 22.212 граѓани за, но референдумот не бил успешен поради тоа што излезноста била 26,58%, односно не бил постигнат законски потребниот процент од 51% излезеност на вкупниот број избирачи (1.709.536).

Согласно Уставот, референдумот бил прогласен за неуспешен затоа што не се изјасниле повеќе од половина од гласачите. Зад иницијативата за референдум на Светскиот македонски конгрес застана целиот опозициски блок, додека владејачката коалиција предводена од СДСМ, стравувајќи од етнички поделби и тензии, се противеше на референдумската иницијатива и бараше граѓаните да не гласаат на референдумот, со паролата „Некои прашања не заслужуваат одговор“.

Меѓународната заедница исто така негативно се произнесе по референдумската иницијатива. Најгласни во тоа барање беа САД кои два дена пред референдумот ја признаа Република Македонија под уставното име.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!