Нова Влада, стара „шема“: Распишани огласи за педесетина државни вработувања

Додека се кршат копјата околу промена на името продолжува старата практика на нови вработувања во државните институции и јавните претпријатија.

Така само во еден ден беа распишани огласи за повеќе од 50 вработувања во различни институции и пртпријатија.

Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија поради привремено зголемен обем на работа, објави јавен оглас за ангажирање на 35 лица на определено време, додека трае потребата на институцијата.

Во огласот се бараат организатор за канцелариско, архивско и стручно-административно работење, архивар, доставувач, графички работник, возачи, работници за одржување на опремата, раководител, контролори, келнери и други профили работници.

Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија, поради пополнување на посебни работни места, заради извршување на работни задачи на посебни советници распиша оглас за вработување на тројца извршители.

Се бараат посебни советници за Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кабинетот на министерот без ресор задолжен за Националната стратегија за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија и Кабинетот на министерот без ресор задолжен за странски инвестиции.

Платите во зависност од работното место се движат од 36.873 денари до 40.000 денари.

Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија распиша оглас и за вработување соработник за политики за земјоделие, соработник за анализа на условите за развој на ЈПП и инвестиции и соработник за комплетирање и техничка обработка на библиотечен материјал.

Јавното претпријатие за државни патишта објави оглас за вработување на 15 работници на определено време до 31.12.2018 година. Во огласот се бараат советник за човечки ресурси и општи работи со плата од 33.540 денари и 14 инкасанти за наплата на патарина со плата од 19.760 денари.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!