Промовирани станици за поправки на велосипеди: Еве на кои места ги има

Град Скопје и Стопанска банка АД – Скопје денеска ги промовираа петте станици за поправка на велосипеди кои ќе им овозможат на велосипедистите до колку имаат потреба да извршат мали интервенции на своите велосипеди. 
 
„Намалувањето на сообраќајниот метеж, а со тоа и намалувањето на загадувањето на воздухот, се предизвици со кои се соочуваат сите големи градови во светот. Од овие причини Град Скопје посветува големо внимание на активностите кои придонесуваат за постигнување на одржлива урбана мобилност во сообраќајот.
 
Во таа насока сакам да се заблагодарам за поддршката од Стопанска банка АД - Скопје кои со својата донација на петте станици за поправка на велосипеди преку проектот „Вози право, вози здраво“ директно придонесуваат за развојот на велосипедската култура во градот“, изјави Ваљон Салиху портпарол на Град Скопје. 
 
Директорката на Дирекцијата за маркетиг и односи со јавност во Стопанска банка, Ратка Тирицовска рече дека #ВозиПравоВозиЗдраво прерасна во синоним за заедничките напори на граѓаните на Скопје и во развојот на велосипедската култура.

„Станиците се опремени со рачна пумпа за гуми, 6 специфични алати кои се стандардни за ситни поправки на велосипедите и кои веруваме лесно и брзо ќе бидат во примена од сите заинтересирани. Првата пробна станица беше поставена пред повеќе од една година и е во одлична форма. Локациите на станиците ќе бидат објавени, а за првите корисници на станиците кои на социјалните мрежи ќе споделат фотографија со #ВозиПравоВозиЗдраво, Банката ќе обезбеди симболични подароци - изјави Тирицовска.

Локациите на сервисните станици се внимателно одбрани за да бидат на места каде што има поголема фреквенција на велосипедски сообраќај и на позиции каде што веќе постои 24 часовен видеонадзор, со цел да се заштитат станиците од намерно предизвикани штети.
 
Сервисните станици за велосипеди се поставени на овие 5 локации:
 
1. БС Mакпетрол бул. Партизански одреди (кај раскрсницата со бул. 8-ми септември),
 
2. БС Макпетрол кај транспортниот центар, 
 
3. БС Макпетрол на излезот на Скопје кај Автокоманда, 
 
4. БС Окта на бул. Србија и 
 
5. пред Инфо центарот на Град Скопје во Градскиот парк.
При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.