Каква е улогата на Државната изборна комисија во спроведувањето на референдум за промена на името?

Органи за спроведување на референдум на државно ниво се Државната изборна комисија, општинските изборни комисии за спроведување на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија и избирачки одбори.

Со оглед на тоа што се кршат копјата околу формирањето на ДИК, добро е да се знае каква е улогата на овој орган во спроведувањето на референдумот.

Државната изборна комисија се грижи за законито подготвување и спроведување на референдумот на државно ниво, именува претседател, членови и нивни заменици на општинските изборни комисии, презема технички подготовки за спроведување на референдумот на државно ниво, ги пропишува обрасците за спроведување на референдум на државно ниво и ги објавува во “Службен весник на Република Македонија”, ја утврдува формата, големината, бојата и сериските броеви на гласачките ливчиња, ги предава и прима гласачките материјали на и од општинските изборни комисии, определува единствени стандарди за гласачкиот материјал, ги информира граѓаните за начинот и техниката на гласањето и за начинот на остварување на избирачкото право, обезбедува материјални услови за спроведување на референдум на државно ниво, го определува начинот на ракување и чување на гласачкиот материјал, го организира печатењето на гласачкиот материјал, поднесува извештај до Собранието за спроведениот референдум на државно ниво во рок од три дена од денот на неговото одржување, донесува Правилник и Упатство за надоместокот на органите за спроведување на референдумот на државно ниво и поднесува финансиски извештај до Собранието, го пропишува видот на средството со кое се обележуваат и проверуваат лицата кои гласале (УВ ламба, спреј и графитно перниче), формира помошни тела за извршување на организационо-технички работи, ги објавува во дневниот печат описите на избирачките места, ги врши работите утврдени со Законот за избирачкиот список за спроведување на референдум на државно ниво, одлучува по приговори, го утврдува и објавува резултатот од референдумот на државно ниво и врши и други работи утврдени со закон.

Работата на Државната изборна комисија е јавна.

Општинската изборна комисија се грижи за законито спроведување на референдум на државно ниво, го именува составот на избирачките одбори и дава упатства за нивната работа, врши едукација на членовите на избирачките одбори, презема технички подготовки за спроведување на референдум на државно ниво според упатствата и инструкциите на Државната изборна комисија, ги информира граѓаните за начинот и техниката на гласањето, ги предава и прима гласачките материјали на и од избирачките одбори, ги сумира резултатите од гласањето на гласачките места, го предава гласачкиот материјал на Државната изборна комисија во рок од три часа по приемот на гласачкиот материјал од избирачкиот одбор и вршат и други работи утврдени со закон.

Избирачки одбор се формира за секое избирачко место. Избирачкиот одбор е составен од претседател, два члена и нивни заменици. Избирачките одбори се формираат најдоцна 20 дена пред денот предвиден за одржување на референдум на државно ниво.

Избирачкиот одбор непосредно раководи со гласањето на гласачкото место, обезбедува правилност и тајност на гласањето, обезбедува слободно и мирно одржување на гласањето, ги сумира резултатите од гласањето на гласачкото место, го предава гласачкиот материјал на општинската изборна комисија во рок од три часа по завршувањето на гласањето и врши и други работи утврдени со закон.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!