Економијата каска, тешко остварлив раст од предвидените 3,2 проценти

Домашниот бруто-производ (БДП) во првиот квартал на годината имал минимален раст, што е под проектираното движење, било констатирано на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ.

Ваквата состојба, велат од НБРМ е одраз на послабиот раст на приватната потрошувачка и поголемиот пад на инвестициите.

„Ваквите отстапувања создаваат и надолни ризици за проектираниот раст за целата 2018 година од 3,2 отсто. Расположливите податоци за вториот квартал не се многубројни и воедно се дивергентни, но главно упатуваат на нешто поповолна состојба во економијата во споредба со првиот квартал. На ваква констатација упатува прометот во трговијата, чиј што раст е нешто посилен во однос на првиот квартал, значителното забавување на падот на вредноста на извршените градежни работи, како и подобрувањето на показателот за економската доверба“, се вели во соопштението на НБРМ.

Во однос на движењето на стапката на инфлација, според податоците за јуни, просечната годишна стапка на инфлација во првата половина од годината изнесува 1,5 отсто, при што и натаму се движи под нивото од априлската проекција.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.