Во Судот Латас слушаше „бомби“ за „Тотал“ на СЈО

На денешното рочиште за предметот на СЈО „Тотал“, во кој е обвинет новинарот Драган Павловиќ-Латас за затајување на данок, беа преслушани 16 од вкупно 39 прислушувани разговори од 2011 година. 

Адвокатката Анета Бегова на почетокот на рочиштето побара шест разговори да не бидат вклучени како доказ во овој случај, бидејќи разговорите биле водени со адвокатката Надица Бадева од Скопје, која не била повикана од СЈО, ниту пак била ослободена од адвокатската тајна.

За други пет разговори, пак адвокатите побараа да не бидат пуштени во јавност, бидејќи содржат лични податоци на лица кои не се поврзани со случајот, а при слушањето на „бомбите“ обвинетиот Латас побара дополнително уште еден разговор да не биде достапен за јавноста, по што Судечкиот совет прифати.

Откако побараа разговорите со Надица Бадева да не бидат земени како доказ, бидејќи тоа не го дозволува Законот за адвокатура, обвинителката кажа дека приговорот не одговара во фазата во која се наоѓа предметот, бидејќи од претходно имале можност да го поднесат.

Обвинителката Елизабета Јосифовска посочи дека имале прилика да ги преслушаат разговорите во терминот што им го дал СЈО, како и дека во оваа фаза на постапката не бил изведен ниту еден доказ во какво својство биле Латас и Бадева. 

Во однос на барањето на одбраната за докажување на начинот од аспект дали тие снимки се дел од доказниот материјал, што СЈО го прими од СДСМ, обвинителите сметаат дека е неосновано.

Обвинителката посочи дека е даден извештај со кој се потврдува дека снимките од материјалот, извештајот и другите докази му се дадени на Латас на 21.6.2017 година.

До овој момент не е изведен ниту еден доказ во кој однос биле Латас, обвинетите правни лица и адвокатката Бадева.

Според одбраната разговорите на Бадева се исклучиво за адвокатски дејствија и дека после неколку години, за друга фирма таа била управител. Таа била ангажирана за справување и стечај на „Тотал“.

Судот не го прифати барањето на одбраната за снимките со спорните разговори да бидат преслушани на крај и донесе одлука да бидат пуштени по редоследот што го има дадено СЈО, освен оние од кои ќе биде исклучена јавноста.

Во „Тотал“ обвинет е новинарот Драган Павловиќ-Латас за затајување на данок во висина од 121.414 евра преку правните лица „Тотал“ маркетинг” ДООЕЛ, „Тотал“ медија центар и „Медијамакс” и 63.032 евра како физичко лице.

Тој набавката на опремата за себе ја евидентирал како опрема за фирмите, иако во фирмите немало вработени лица, односно во една фирма имало само еден вработен.

По преслушувањето на 16-те „бомби“ денешното рочиште беше прекинато и ново е закажано за 24 септември

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.