Актерите утре ќе го чистат Клинички центар

Актерите утре ќе ја чистат околината на Клинички центар со почеток во 10 часот, а апелот за и други да им се приклучат го споделија на Фејсбук.

„Ќе има црни ќеси и ракавици, но за тие што сакаат да ни се придружат, нека земат нешто дополнително. 
Цел ни е како уметници да влијаеме во промената на свеста на граѓаните кои се однесуваат несовесно кон животната средина. Планираме акцијата да ја правиме еднаш неделно на различни локации за време на летниот период. Секој што сака да ни се придружи е добредојден“, обајви Ирена Ристиќ на својот фејсбук-профил.

Акцијата е иницирана од актерката Сања Арсовска.

„Сонував како ние уметниците го чистиме дворот на клинички центар. Се разбудив и си викам, па и онака сезоните во театрите ни се завршени, ништо не работиме, што не се собираме барем еднаш неделно на некои критични места и да зачистиме ѓубре?

Како уметници секако имаме должност во градење на културолошки вредности, без разлика дали се уметнички, социјални, еколошки, сообраќајни... Ако направиме некаква акција, може нешто ќе промениме во јавната свест, некој ќе сфати дека освен право на животна средина има и обврска кон истата. Некако ми дојде идејава, може е глупа, ама ако се јави некој колега расположен за вакво нешто, јас би се нафатила на драга волја“, напиша Арсовска на нејзиниот фејсбук-профил.

На акцијата се приклучуваат и Симона Спировска, Гораст Цветковски, Јасмина Василева, Билјана Тануровска Ќулавковски, Несрин Таир, Драгана Гунин.

Актерите оваа акција ја покренуваат бидејќи состојбата со отпадот околу Клинички центар е алармантна, бидејќи нема кој да ја одржува хигиената.

фото/Фејсбук-профил на Ирена Ристиќ

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА