Златка Иванова е новиот в.д директор на штипскиот Центар за социјални работи

Министерството за труд и социјална политика денеска соопшти дека за нов вршител на должноста директор во Центарот за социјални работи - Штип  е именуван социјалниот работник Златка Иванова.

Оваа одлука доаѓа откако вчера на виделина излезе битката за директорската фотелја. Поранешната в.д директорка Сузана Цветкова минатиот петок во Заводот за вработување го одјавила за вработен Станко Димитров, на кого вчера му пристигна решението да ја извршува директорската позиција.

Но, ниту Димитров, ниту ресорното Министерство биле информирани за постапката на Цветкова, со која Димитров, кој е година и половина пред пензионирање, сега е на список на невработени.

Димитров денеска не можеше да ја преземе директорската функција, бидејќи се води за невработен во оваа институција и не може да депонира потпис.

Во Центарот за социјални работи - Штип  вчера во посета беа инспекторите од Државниот трудов инспекторат, а денеска се инспекторите од Управниот инспекторат. Димитров како оштетен во овој случај најави дека откако ќе ги добие извештаите од двата инспекторати ќе преземе соодветни чекори.

Од Министерството за труд и социјална политика во соопштението нагласуваат дека новата в.д директорка Златка Иванова е привремено решение се до расчистување на случајот.  

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.