Законот за хонорарци ги згасна „Биг-бендот“ на МРТ и „Фејмс“

738 Views Февруари 6, 2015 Беспарица Никола Осило

Со новиот закон за хонорарци е доведено во прашање постоењето на два оркестри - „Фејмс“ и „Биг-бендот“ на МРТ - што функционираат кај нас со години, а во кои се ангажирани повеќе од 100 музичари. Членовите на овие оркестри не ги продолжија своите договори поради тоа што со новите измени драстично ќе им се намалат хонорарите за нивниот ангажман, пишува Нова Македонија. Последиците, според нив, би биле далекосежни и укажуваат на опасноста од замирање на и онака кревкиот концертен живот кај нас.

Штетата е голема, ни се сече и последната гранка на која можевме мирно да седиме, бидејќи преку ангажманот во овие оркестри имавме какви-такви дополнителни примања. Ние не сме Швајцарија, па од огромните хонорари да ни се одземаат исто толку големи даноци. Со овој закон државата, наместо да ги поттикнува културните вредности, си игра весела математика“, вели Виктор Илиески, претседател на Сојузот на синдикатите на културата.

Во оркестарот „Фејмс“, специјализиран за снимање филмска музика, свират околу осумдесет музичари. Тие одлучија да не ги продолжат договорите, бидејќи со најновите пресметки треба да издвојат речиси 47 отсто за пензиско и здравствено осигурување.

Со плаќањето на персоналниот данок од 11 отсто, цената за изведба беше реална, но со измените во законот, според најновите пресметки, уметниците треба да издвојат речиси 47 отсто за да се добие бруто-износот. Со парадоксалното дуплирано плаќање на социјалното осигурување за кое веќе еднаш издвојуваме како вработени во институциите и дуплираното плаќање за пензиско осигурување се намалува цената на трудот и се доведува во прашање исплатливоста за свирење во овој оркестар. Успешната приказна врзана за овој оркестар сега е ставена под знак прашање“, вели Илиески.

Овој оркестар е инициран и финансиран од француската фирма „Л‘ арт апарт“, но во него свират македонски музичари. Досега сними музика за околу сто холивудски филмови и повеќе од 500 музички материјали за игри и реклами за светски познати брендови.

Овој оркестар успешно работеше осум години. Студиото во кое свириме пред неколку години го посети и министерот за инвестиции Веле Самак, кој ја поздрави француската инвестиција во државата. Сега, со новиот закон се урива сѐ што се постигнало во изминативе неколку години, целиот интегритет на музичарите, кои со квалитетна изведба успеаја да се наметнат на светскиот музички пазар“, вели претседателот на Сојузот на синдикатите на културата.

И музичарите од „Биг-бендот“ на МРТ, кои главно се ангажирани на хонорарна основа, не ги продолжија договорите.

„Иако од МРТ најавуваа дека ќе бидат вратени оркестрите што со години работат инцидентно, тоа сѐ уште не се случи. Со новиот закон неизвесна е и судбината на овој оркестар. Музичарите не сакаат да прифатат работа во срамни услови. Наместо постојана работа, овој оркестар во изминативе години се активираше само за потребите на „Макфест“ и за „Скопскиот фестивал“, за кои, од друга страна, се издвојуваат нелогично големи буџети. Државата очигледно нема соодветна стратегија за зачувување на националните вредности, а со новиот закон, наместо да ги промовира, целосно ги минимизира“, вели Илиески.

Со овој закон, според него, целосно ќе замрат концертните активности во земјава.

Македонските музичари што настапуваа соло, со камерни ансамбли или со оркестри и пред новиот закон свиреа за малку пари. Сега, кога треба од тие минимални хонорарни примања половина да им отидат на давачки кон државата, никому нема да му се исплати да вложува непроценлив труд да организира концерти“, вели Илиески.

Љубиша Кировски, претседател на Сојузот на музичките уметници на Македонија, смета дека овој закон е донесен без да се консултираат сите засегнати страни.

Овој закон нема да им оди во полза ниту на хонорарците ниту на редовно вработените. Јасно е дека со него само ќе се полни буџетот, а образложението за добродетелство, кое наводно треба да ги заштити правата на хонорарците, не поминува. Нашиот став е дека треба да престанеме да молчиме, бидејќи со децении музичките уметници добиваат срамни хонорари. Според новата логика на Владата, излегува дека треба да си платиме од својот џеб за да свириме концерт“, вели Кировски.

Пренесено од Нова Македонија

 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!

Најчитани вести