Секој што вложува во спортување заштедува пари и време

еМагазин ја стартува новата рубрика „Во теретана со...“, за да даде свој допринос на промовирањето на здравиот живот.

За прв гостин во нашата рубрика го избравме Д-р Стефан Јаќовски, професионален (лиценциран) нутриционист и главен тренер во фитнес и спа центарот Синерџи, човек кој е вистински пример за водење на здрав живот.

Јаќовски три пати бил првак во боди билдинг на Македонија и два пати учествувал на светските првенства во боди билдинг организирани од IFBB. Во 2008 година го освоил 15. место во тешка категорија, а во 2013 година, 10. место во супер тешка категорија.

Прв пат почнал да тренира пред 20 години, а неговиот денешен изглед како што вели може да се добие со ефикасно вежбање од 4 години.

„Многу луѓе ми го поставиле прашањето колку време ти требаше да изгледаш вака. Нема правила и магична формула. Потребна е голема дисциплина, упорност, финансии, посветеност и што можеби е најважно- успешно да се справувате со секојдневните стресови. Многу е важно некој да те води во целава работа. Да отидеш во теретана, а да не ангажираш личен тренер е исто како да одиш на забар и да ја изнајмиш само забарската столица“, вели Јаќовски.

Има завршено Медицински факултет и има диплома тренер спецјалист и нутриционист. Диплома има и од светската академија IFBB, најрелевантната во светски рамки во оваа област.

Лично тој вежба пет пати неделно по 1 час, најмногу со тегови и прави кардио вежби. Вели дека дека три часа вежбање во неделата се сосема доволни за да добиете убава линија, а со редовно вежбање, здраво можете да симнете 2-4 килограми месечно, ако идејата ви е да слабеете.

„Луѓето секогаш имаат оправдување кога е во прашање практикувањето на здравиот начин на живот, без разлика дали се работи за практикување на здрава исхрана или физичка активност. Тоа што треба да го сфатат сите кои сакаат да се грижат за своето физичко и духовно здравје е дека со спортувањето заштедувате и време и пари. Не го користете оправдувањето дека немате пари или време. Спортувањето ќе ви заштеди многу пари, кои ќе ги потрошите на евентуалните болести, кои се резултат на нездравиот животен стил“, вели Јаќовски.

Тој вели дека оправдувањата кои најчесто ги користиме за да не практикуваме здраво живењее имаат поврзаност и со нашата култура и традиција на живењее и исхрана.

„Ќе ви посочам пример за Германија. За таму е нормално во теретана да видете и човек кој има 80 години или лица со хендикеп. Значи нема стеротипи кој треба да оди во теретана. Од деца до пензионери. Спортувањето во теретана многу помага за надминување на хронични проблеми како што се проблемите со грбот или високиот холестерол. Значи не е само во прашање физичкиот изглед. Спортувањето во теретана е одлично за рехабилитација. За разлика од многу други спортови, оваа спортување е едно од најлесните, иако на многумина не им изгледа така. Секако дека е напорно, но тоа се прави дозирано. Не мора веднаш да кревате тегови од 15 килограми... Мојот општ впечаток е дека на многу граѓани им недостасува физичка активност, што многу би им помогнало да направат рамнотежа со стресното секојдневие. Да се разбереме, пешачењето и одењето не е физичка активност. Главна причина за немање физичка активност е дефинитивно мрзливоста“, вели Јаќовски.

И здравата исхрана треба да се практикува како што треба.

„Не значи дека ако користите здрави продукти сте на вистинскиот пат. Многу е важно како здраво се храните, а не што конзумирате. Неправилното козумирање на храната исто така може да не даде ефекти. За секоја промена на навиките тешки се првите две недели, потоа се навикнувате и сакате да продолжите со новите навики“, вели Јаќовски.

Повеќе за фитнес и спа центарот Синерџи, ОВДЕ

jQuery Slider
При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Петре Димитров

Професионален дипломиран новинар со долгогодишно искуство. Најмногу сака да патува и да прави возбудливи репортажи, но за да јавноста биде објективно информирана следи и бизнис и политика.

Најчитани вести