еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК

Амбасадорот Гир во Виница: Mногу граѓани со поддршка од ЕУ поттикнуваат решенија корисни за општината

Позитивна енергија и најразлични ставови разменети со граѓаните се само дел од впечатоците од посетата на Виница на Амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир. Во текот на вчерашниот ден, првиот човек на делегацијата на Европската Унија, заедно со неговиот заменик, Бен Нупнау, се сретнаа со градоначалникот на Виница, Миле Петков, а одржаа и мошне конструктивна дискусија со општинските советници.

„Зборувајќи со луѓето од Виница, тоа што најмногу ми се допадна е што од речиси сите го добив истиот впечаток, истата позитивна енергија. Тие ми покажаа дека сакаат да бидат вклучени во процесите, дека сакаат да направат нешто за градот и за неговото опкружување.

Горд сум што, од агол на Европската Унија, сме партнери во дел од овие промени. Нов проект на којшто работиме заедно е колекторот за отпадни води, потоа тука се активностите за отстранување на нелегалните депонии, односно изградбата на систем за одложување цврст отпад во североисточниот регион.

Работевме заедно и на обезбедување домување за ромското население, како и на подобрување на условите за образование, но и низа други проекти. Добро е да се знае дека кога вакви инвестиции се реализираат, тие стануваат одржливи,“ истакна Гир.

Како и на досегашните посети на локалните заедници во земјава, така и во Виница Амбасадорот Гир оствари отворена и мошне активна дискусија со граѓаните. Тие споделија свои мислења за пристапните преговори на земјава и се интересираа како тече процесот. Опфатени беа низа политички и економски прашања, а детално беа разгледани и бенефитите кои Македонија би ги добила со зачленувањето во Европската Унија.

Амбасадорот го посети и основното училиште „Славчо Стојменски“, каде што подрумски простор којшто долги години бил неупотреблив, со средства од Советот на Европа и од ЕУ е пренаменет во мултимедијален центар. Оваа локација сега се користи за едукација, разговори, собири, како и за креативно изразување на учениците. Дел од младите кои што го користат центарот за изучување музика и за проби, имаа краток настап пред делегацијата што ја посети Виница.

Дел од агендата на Амбасадорот во Виница беше и Музејот Теракота, каде што тој се запозна со разновидната и богата историја на градот и неговото опкружување. Фокус беше ставен на теракотните икони, како најзначајни откритија од археолошкиот локалитет Виничко Кале. Токму со меѓуграничен проект на ЕУ оваа локација е инфраструктурно уредена, односно е асфалтиран пат, направен е паркинг-простор, изградена е пристапна патека и извршено е целосно осветлување.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ЕУ нема да воведе „ковид-пасоши“, идејата на Мицотакис не помина

Редакција

ЕУ постигна договор за влегување на целосно вакцинирани патници од трети земји

Редакција

Западен Балкан заедно со Африка во приоритетите на Франција како претседавач на ЕУ

Редакција