еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Архимандрит Кирил Бигорски: Детето сака мајка и татко, а не успешни бизнисмени и нашминкани слики во дигиталниот простор

Дебар беше домаќин на првата Трибина „Семејството: стожер на љубовта и општествениот развој“, која се одржа во рамки на проектот за поддршка на соживотот во регионот, чијшто носител е Здружението за заштита и негување на културните вредности „Рајчица“.

Овој настан, за прв пат на иста маса ги донесе претставниците на двете најголеми верски заедници во регионот, но и во државата, имено православната и исламската.

Трибината ја отвори психологот Ангелина Василевска, која го истакна значењето на соживотот во регионот низ многуте децении наназад, како и важноста од дискусиите на овие теми во јавниот простор.

Градоначалникот на Општина Дебар, Хекуран Дука потенцираше дека „какво што ни е семејството, такво ќе ни биде општеството“.

„Во фокус на оваа трибина, би сакал да кажам дека сум многу задоволен што ќе се дискутира на тема поврзана со семејството, бидејќи многу пати сум бил присутен на различни трибини каде што се зборува за правата на децата, правата на жената, но никогаш не сум бил присутен, ниту пак, сум разбрал дека има дебата на која се зборува за нашето најважно, а тоа е семејството, кое е основна клетка на општеството,“ додаде тој.

Монахињата Ефимија Зајковска изјави дека од една страна, гледаме дека денешните општества се значајно развиени, но сепак се забележува еден парадокс, кој рефлектира сериозни оштетувања внатре во човечката личност: наместо да напредува, човекот регресира, се соочува со длабока осаменост, стрес, страв, незнаење, болести.

„Имаме неверојатен цивилизациски напредок во многу полиња. Денес можеме да се пофалиме со силен индустриски, односно технолошки развој, кој има за цел олеснување на човечкиот живот, потоа со развој во областа на медицината која е насочена кон заштита и унапредување на човековото здравје, имаме отворени граници за да можеме полесно да разменуваме лични и професионални искуства, интелектуално да се надградуваме, па и да создаваме трајни пријателства и сл.

А најсилен, пак, негативен ефект од современиот развој е настанатото отуѓување меѓу луѓето, што значи дека тие отстапуваат од целта заради која се создадени, а тоа е живот во заедница и соединување со Бога,“ изјави сестра Ефимија.

Парадоксот, вели таа, лежи во тоа што денес човекот професионално непрестајно се развива, но стагнира и потфрлува на семеен план; тој има многу виртуелни пријатели, но со никого не создава длабоки физички и емотивни врски; неверојатно е храбар за да освојува нови сложени предизвици, а сериозно исплашен да го отвори своето срце за да го пушти внатре својот ближен. Сестра Ефимија цитираше мисла од Свети Паисиј Светогорец кој вели: „Кога ќе го снема семејството, тогаш сè ќе снема“.

Монахињата пренесе една надеж, една желба од едно десетгодишно дете што живее во регионот, кое добро го познава. Имено, на едно од предавањата наменети за деца и возрасни, на најмладите им поставила прашањето кое требало да ги поттикне на размислување. Прашањето гласело „Во кое време би сакале да отидете доколку имате можност да патувате со временска машина?“

„И можете да си претпоставите колку е бујна детската фантазија, согласно која тие ги изразуваат своите размислувања, кои верувајте, воодушевуваат. Некои ќе отиделе во иднината, некои ќе се врателе во камено доба, некои сакале да бидат присутни во времето кога Христос живеел на земјата, некои од нив имаат идоли, херои, па сакаат да се најдат заедно со нив на исто место и во исто време. Но тоа десетгодишно дете, откако размисли, рече: „Јас сакам да се вратам во периодот помеѓу 2018-2020 година“. Зачудена, го запрашав зошто баш тогаш? Ми одговори: „Бидејќи тогаш моите другари немаа телефони“,“ рече сестра Ефимија.

Архимандрит Кирил Бигорски своето обраќање за семејсвото го започна со еден навод од неговата внука Коприна, која кога имала само 4 годинки изјавила: „Колку е тажен светот да немам родители! Многу ќе бидам тажна. Ако умрите вие и јас ќе умрам“.

„Децата, според природниот поредок, имаат неопходност од родители во секој аспект на нивниот живот. Потребата за топлината, присуството и поддршката на родителите е неизмерна и непроценлива – таа е вградена во самото битие на детето. Но, дилемата на нашето време, во ерата на технократија и непрестајна трка по материјалните вредности и современите трендови, е дали родителите се навистина тука за децата.

Живееме во општество кое ги вреднува видливите успеси, во кое човекот се оценува според неговиот успех на социјалните мрежи, според висината на неговиот доход и престижот на неговата позиција. Овој безмилосен ритам ја осиромашува човечката душа и го оддалечува од суштинските врски кои го облагородуваат животот.

Родителите, заслепени од новите идеали за успех и самореализација, сè почесто се жртви на зависноста од социјалните мрежи и на бездушната трка за кариера и богатство, првонаредувајќи го, пред сè, својот дигитален имиџ, на сметка на семејната близина. Притоа, невидливата цена на оваа опсесија се плаќа со тежок данок: во изгубени моменти, во изгубено присуство, во изгубено воспитание,“ вели архимандрит Кирил и додава дека родителите, погледнати низ очите на детето, се далечни, отсутни – дури и кога физички се присутни.

„Колку тажно е кога децата го бараат погледот на своите родители, но наместо на поглед кој зрачи со емпатија, нежност, радост и разбирање, наидуваат на екрани кои светат со друга светлина, светлина која не е топла и животворна, туку студена и илузорна. Екраните, кои ја крадат внимателноста на родителите, на детето му порачуваат дека неговото време и неговата љубов не се доволно важни. Детето сака мајка и татко, а не успешни бизнисмени и нашминкани слики во дигиталниот простор.

Во оваа бескрајна и би рекол бесцелна трка, возрасните губат допир со вистинскиот благослов на родителството – со можноста да бидат телесни и духовни водачи, учители, да пренесат мудрост, да понудат рамо, да принесат срце, да споделат мигови на нежност и разбирање. Присуството на родителите не може да биде заменето ниту со скапи подароци, ниту со површни гестови на внимание.

Секое дете копнее за топлината на родителскиот збор, за вниманието кое не бара никаква цена, освен љубов и трпение. Но, во овој нов свет на парадоксална комуникација и површни врски, детето останува со длабокото чувство на тага и осаменост – во свет кој има сè освен неговите родители. Токму затоа, прашањето останува отворено и болно: дали во еден ваков свет родителите сè уште се тука за своите деца?

И дали самите тие, во трката по успех и слава, забораваат дека вистинското богатство и вистинската слава лежат во срцата на нивните деца, во чистата љубов која само детето може да ја понуди?,“ додава меѓудругото архимандрит Кирил, во својот говор.

Овој значаен мултикултурен и мултирелигиски проект се случува по идеја и со благослов епископ Антаниски Партениј, а е одобрен и поддржан од страна на Општина Дебар.

Извор: bigorski.org.mk

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кокосово масло: егзотичен еликсир што прави чуда

Редакција

Притвор за 39-годишен кумановец осомничен за полов напад врз сопствената ќерка, снимал видеа и ги објавил на социјални мрежи

Редакција

(Видео) Бугарите во Уставот кога мојата баба во Благоевград ќе може да биде Македонка, а не Бугарка: Димитриевски за БНТ1

Редакција