Матичните лекари и Фондот за здравствено осигурување најдоа заеднички јазик околу проблемот со руралните амбуланти, со тоа што на докторите во следните 24 месеци, им се овозможи да работат без медицински сестри.
„Мерките во однос на руралните доктори се темпирани на 24 месеци. Значи, ќе им биде дозволено да немаат медицински сестри во тој период. А ние во тој период треба да ја разгледаме и системски решиме состојбата и да најдеме трајно решение. Зголемени се и бодовите за руралните доктори.
За 22 илјади денари нето се зголемени фиксните примања на руралните доктори, имаат зголемени трошоци, поради нивните патувања до местото каде се наоѓа ординацијата. Тоа е веќе договорено и решено. Одлуките се донесени, направени и стапуваат во сила,“ изјави директорот на Фондот за здравствеено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски.
Претседателката на Здружение на приватни лекари Лилија Чолакова Дервишова, истакна дека за да се задржи народот во помалите места потребно е да има пристап за лекување.
„Ги спасивме тие ординации, зашто законите што се направени одамна, веќе не се функционални,“ додаде Чолакова Дервишова.
Клековски додаде дека е очигледно оти дефицитот на медицински кадар и неатрактивноста на примарната здравствена заштита бара преиспитување на целиот концепт, бидејќи со постоечкиот, многу брзо малите градови и рурални места ќе останат без матични доктори.
Фото: МЗ