Македонскиот премиер Христијан Мицкоски одговарајќи на пратенички прашања во македонското Собрание, сподели информации зошто бил следен, кога неговата партија беше во опозиција.
Следени биле и неговата сопруга и синовите.
Не сподели многу детали, поради како што кажа, сензитивноста, но кажа дека бил физички следен од лице именувано како „Цилиндар“.
Тоа се случувало на почеток во 2020 година, во време на избори.
-Ме следеле под изговор дека параполициско воена вооружена формација, составена од македонски радикални екстремни државјани во предизборие ќе вршат закани за да обезбедат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и нарачател на ова е професор доктор Христијан Мицкоски.
Јас сум тој кој оваа формација ја финансирал и ја формирал, рече тој и посочи дека во институциите за оваа информација постои трага.
-Оваа служело како покритие за сите да бидеме покриени. Истиот извор „Цилиндар“ вели дека јас сум виден со две женски лица на Водно како пешачам, а тие ми презентирале информации кои биле од мој интерес. И двете информации се лажни.
Исто, пред локалните избори во 2021 година, изворот е „Џокер“, кој вели дека во манастирот Свети Јован Бигорски сум имал средби со припадници на ова патриотско друштво за да ја нарушиме безбедноста на Македонија, кажа премиерот.
Рече дека ова нема никаква врска со реалноста и праша дали тоа се европските вредности на кои се повикувала претходната власт.
-Ај што крадеа – крадеа, но тука, освен мене, покривани се физички и мојата сопруга и двајцата синови. Затоа сега е стравот. Дали јас ви личам на човек кој може да финансира паравоена формација?
Замислете што паралелно создавале. Затоа со реформа на службите еднаш засекогаш на ова да се стави крај. Ако некој мисли дека од ова ќе се спаси, се лаже. Сè додека јас ја предводам Владата, сите инволвирани ќе одговараат, рече тој.
Фото: ВМРО-ДПМНЕ