еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Митрополит Тимотеј ќе биде погребен утре, на Плаошник

Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), во постојан состав, на 26. ноември одржа вонредна седница и го определи датумот за погребение на блаженоупокоениот Дебарско-кичевски Митрополит Тимотеј, информираат од таму.

„Синодот определи заупокоената Света Литургија и Опелото да бидат извршени во четврток на 28 ноември, во храмот „Св. Софија“ во Охрид, со почеток во 9 часот.

На Светата Литургија ќе чиноначалствува Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со надлежните епархиски архијереи на МПЦ – ОА, како и со претставници од другите Помесни Православни Цркви.

Погребението ќе биде извршено до јужната апсида на Плаошкиот манастир во Охрид.

Царство Небесно и вечен спомен на блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј,“ се вели во соопштението.

Вчера пак, викарниот епископ на Дебарско-кичевската епархија, Преосвештениот г. Партениј, во Св.Климент Охридски, на Плаошник, отслужи светата заупокоена Литургија за вечен спомен на владиката Тимотеј, во сослужение со архимандритите Нектариј, Макариј и Кирил, ставрофорниот протопрезвитер о. Никола Христоски, јереите о. Димче Ѓорѓиески и о. Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и јероѓаконот Порфириј.

„За време на светото богослужение, чесните мошти на Митрополитот беа изложени во средината на храмот за верниците да оддадат почит, благодарност и молитвен поздрав кон нивниот возљубен архиереј.

Храмот на Свети Климент беше исполнет до крај, со многубројни свештеници, монаси, монахињи, кои заедно со народот сведочеа за љубовта и благодарноста кон блаженоупокоениот Митрополит,“ велат од Бигорски манастир.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Се упокои митрополитот Тимотеј

Фото: bigorski.org.mk

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Каков имот пријавил судијата Зоранчо Мицевски, кој го разреши Судскиот совет

Редакција

Догодина “Алказар енерџи“ ќе гради 55 ветерници во Македонија, струја ќе произведува од 2027

Редакција

Има загинати: Утрово сообраќајка на автопатот Штип – Миладиновци

Редакција