еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Недостигот на работна сила може да се надмине со системски решенија и преку трипартитен социјален дијалог

Справувањето со недостигот на работна сила – сѐ позначаен предизвик во Македонија – вклучува мерки кои ќе го помогнат вработувањето на невработените лица и ќе ги подобрат условите за работа и продуктивноста.

Препораките за справување со овој предизвик се дел од студијата изготвена од Меѓународната организација на трудот (МОТ). Студијата која содржи длабинска анализа на пазарот на трудот во Македонија, како и предлог системски решенија и политики во оваа област, беше презентирана на конференцијата на која присуствуваа министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, директорката на МОТ за Централна и Источна Европа, Клер Харасти и регионалната координаторка на Обединетите нации, Рита Колумбија, а на која активно учество земаа и претставници на работодавачите, синдикатите, академската и бизнис заедницата.

„Недостигот на работна сила е предизвик со кој се соочуваат сѐ повеќе земји, особено во Европа, а кој не ја одминува ниту Северна Македонија. Додека од една страна се соочуваме со релативно високи стапки на невработеност и неактивност, од друга страна, секојдневно сѐ повеќе работодавачи пријавуваат проблеми со наоѓање и задржување на работната сила и се огласуваат испразнети работни позиции.

Оваа студија и анализата на податоците спроведени од страна на Меѓународната организација на трудот ни овозможува длабински да навлеземе во проблемот и да креираме одржливи политики. Истовремено, тие претставуваат одличен патоказ за пристапот што треба да се применува во решавањето на оваа појава“, истакна министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, во своето воведно обраќање на Конференцијата.

Истражувањето е спроведено врз основа на обемна база на податоци од огласи за работни места и ги анализира главните фактори кои придонесуваат за недостигот на работна сила во различни региони, сектори и занимања, во периодот од 2017 до 2024 година.

Наодите покажуваат дека најзасегнати од недостигот на работна сила се услужните дејности и продажбата, вклучително сместувачките и угостителските капацитети, градежништвото и производствените дејности, каде што се воочува недостиг од ракувачи на машини. Анализата покажува дека во последните години се зголемува недостигот и во занимањата со високо ниво на вештини.

Најголем недостиг на работна сила е забележан во скопскиот регион, додека помал недостиг има полошкиот и југозападниот регион на земјата. Истовремено, домашниот пазар на труд се карактеризира со висока стапка на долгорочна невработеност, особено кај младите и со прилично изразен родов јаз кај активното население.

„За решавање на предизвикот со недостиг на работници неопходно е целосно разбирање на населението и динамиката на пазарот на трудот, како и вклученост на работодавачите и владините институции кои ги креираат и ги имплементираат политиките во доменот на трудот.

Преку социјален дијалог, заснован на докази, националните актери треба да се договорат за соодветна комбинација на политики кои треба да овозможат активација на расположливата домашна работна сила, со посебен фокус на жените со мали деца, младите што не се вработени и вклучени во процес на образование и обука, и лицата со посебни потреби, како и зголемување на продуктивноста преку вложувања во образование, обука и дигитализација.

Миграциските политики, исто така, може да имаат улога во привлекувањето квалификувани работници од странство“, изјави директорката на МОТ за Централна и Источна Европа, Клер Харасти.

На конференцијата, клучните наоди од студијата и предлог политиките ги претстави Даниела Ѕампини, виш специјалист на МОТ за вработување, а различните аспекти околу недостигот на работна сила и начините за негово надминување беа дел и од панел дискусија на која своите мислења, ставови и предлози ги споделија Слободан Трендафилов – претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, Светлана Ристовска-Антиќ – извршна директорка на Организацијата на работодавачи на Македонија, Миле Бошков – претседател на Бизнис конфедерацијата на Северна Македонија, проф. д-р Никица Мојсоска-Блажевски – извршна директорка на Македонија 2025, и проф. д-р Димитар Николоски од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Катица Јанева ја форматираше државата

Редакција

(Галерија) Во Scoop Artisan cafe против жештините: Место каде што ги има едни од најубавите сладоледи во градот

Редакција

Евроамбасадорот Гир без коментар за писмото од австрискиот амбасадор

Редакција