еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Општините Струмица и Карпош го напуштаат ЗЕЛС, незадоволни се од индиферентниот однос

Градоначалниците на општините Струмица и Карпош, Костадин Костадинов и Стевчо Јакимовски најавија дека ќе ја напуштат Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС).

„Општина Струмица од денеска се откажува од членството во Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), а градоначалникот Костадин Костадинов ќе поднесе оставка на функцијата член на Управниот одбор.

Напуштањето на ЗЕЛС е во знак на револт заради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици – водата за пиење, којашто претставува основен елемент на животот, но и заради истиот однос по одбивањето од Владата на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит,“ соопштија денеска од кабинетот на Костадинов.

Во соопштението се додава дека Општина Струмица како институција не е удостоена со ниедна писмена одлука од Владата и нејзините институции, а за нив дознавале од медиумите.

„Заради сето ова, го напуштаме ЗЕЛС, а членството ќе важи исклучиво за законските ингеренции на ЗЕЛС во однос на системите на општините, за се друго сме надвор од ЗЕЛС,“ стои во соопштението.

Од Општина Струмица наведуваат дека според Статутот на ЗЕЛС, оваа заедница ги застапува и брани интересите на своите членови пред претседателот на Републиката, Собранието и Владата, министерствата и други институции во чија надлежност се работите од областа на локалната самоуправа.

„Но, досега, од појавувањето на проблемот со водата од 27. септември, ЗЕЛС не покажа апсолутно никаков интерес, иако е сведок дека надлежните државни институции, пред се Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство под чија надлежност е браната „Турија“ од која Струмица и 6 населени места се снабдуваат со вода за пиење, не мрдна со малиот прст, напротив, преку Агенцијата за храна и ветерина со анализите и резултатите од нив, си игра мајтап со струмичани,“ се посочува во соопштението.

За Општина Струмица ова е еден од најголемите скандали во Европа за повреда на човековите права и уставните права и слободи.

„Во заштита и интерес на моите сограѓани за нивното најголемо богатство-здравјето, ќе продолжам да се борам со сите сили и расположливи средства, потврдувајќи по кој знае кој пат дека тие ми се најважни и за нив компромиси нема да има.

Јас како градоначалник, Општина Струмица, менаџерскиот тим и вработените во ЈПКД „Комуналец“ ќе продолжиме со нашата упорност во докажувањето на вистината дека водата е исправна и микробилошки и по хемиско физичкиот состав.

Срамно и жално е да се тера политика врз здравјето на граѓаните на општина Струмица, срамно е да се јадат печени костени во Ново Село, а да не се покаже никаков интерес за најголемиот предизвик со којшто се соочува Струмица и нејзините граѓани,“ изјави Костадинов.

И градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски најави дека ќе и се придружат на Општина Струмица во напуштањето на ЗЕЛС.

„И така одамна се спремам да ја напуштиме ЗЕЛС. Нека си прават таму партиска забава,“ вели Јакимовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Општините Струмица, Теарце, Сарај и Град Скопје не добија пари од унгарскиот кредит

Мицкоски образложи зошто Град Скопје, Струмица, Теарце и Сарај се одбиени за пари од унгарскиот кредит

Фото: Општина Струмица

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Уапсени газдата на Тинекс, Тодоровиќ и поранешниот функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Здравев

Редакција

Ѕвездата од понеделник се враќа во Македонија

Редакција

Се затвора регионалниот пункт за вакцинирање во Охрид

Редакција