Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска е во официјална посета на Црна Гора, каде што во Цетиње со сите државни почести беше пречекана од црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ.
„Со Црна Гора нè обединуваат заеднички визии и стремежи: интеграцијата во Европската Унија, зајакнувањето на регионалната стабилност и создавањето услови за економски и општествен напредок.
Верувам дека оваа официјална посета ќе остави длабоки траги во продлабочувањето на нашата соработка, поттикнувајќи нови перспективи на билатерален и меѓународен план,“ изјави Сиљановска Давкова.
Таа посочи дека нема никаков проблем во Преамбулата да се внесат и Црногорците и дека никој не негира бидејќи, како што додаде, сите помниме дека сме биле повеќе од 50 години заедно во добро и во зло.
Милатовиќ напомена дека посебно му е драго што во рамки на претстојните промени на Уставот, доколку Македонија се одлучи за тоа, ќе биде додадено и црногорското малцинство.
Фото: Кабинет на претседателката