еМагазин
Image default
Бизнис

Соработка на ИСОС со Светска Банка: Едукацијата има клучно значење за развојот на сметководствената професија

Трансфер на напредно знаење и практични искуства за најновите Меѓународни стандарди за финансиско известување (МФСИ) заради нивна ефикасна примена во нашата земја, беше главната цел на стручната работилница, која од 12 до 15. ноември 2024 се одржа во Скопје, во организација на Центарот за реформа на финансиско известување на Групацијата на Светска Банка и Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС).

Работилницата беше првенствено наменета за лиценцираните друштва кои вршат обуки за континуирано професионално усовршување во областа на сметководството и за претставници на академската заедница и државните институции во областа на финансиите, а учество во настанот можеа да земат и претставници од сметководствените бироа и сметководители од земјата, како и од Институтите и Сојузите на сметководители и ревизори од регионот.

Учесниците на оваа работилница имаа можност да стекнат сеопфатно разбирање за ажурираните меѓународни стандарди за финансиско известување (МСФИ), надополнети со практични примери од неколку студии на случај, со што се зголемуваат нивните знаења и способности за ефективна имплементација на овие стандарди во нивните професионални улоги. Очекувањата се дека оваа обука ќе придонесе за зголемување на капацитетите на лиценцираните обучувачи за МСФИ во земјава, како и севкупно подобрување на квалитетот на финансиските извештаи кои се изработуваат според меѓународните сметководствени стандарди.

„Одржувањето на оваа четиридневна стручна работилница уште еднаш покажа дека континуираната едукација има навистина големо влијание и може значајно да го подигне квалитетот на сметководствените услуги.

Овој настан беше одлична можност за претставниците од лиценцираните друштва за вршење обуки, од сметководствените бироа и од надлежните институциите во областа на финансиите, да се запознаат со новините во меѓународните стандарди за финансиско известување, да слушнат практични примери и искуства од нивната примена и истовремено да добијат одговори на дилемите и предизвиците со кои се соочуваат во нивната секојдневна работа“, изјави претседателката на ИСОС Весна Прентоска, искажувајќи благодарност до експертите кои ја вршеа обуката, како и до претставниците на Центарот за реформа на финансиско известување на Групацијата на Светска Банка, за нивната улога и посветеност во успешното организирање на оваа работилница.

Инаку, работилницата посветена на имплементацијата на Меѓународните стандарди за финансиско известување, која воедно е прва од ваков вид во нашата земја, беше спроведена од страна на експерти од Центарот за реформа на финансиско известување (CFRR) на Светска Банка, како дел од нејзината Програма за подобрување на сметководството, ревизијата и известувањето за одржливост (EAASURE), финансирана од Министерството за финансии на Република Австрија и Државниот Секретаријат за економски прашања на Швајцарската Конфедерација.

За време на нивниот престој во земјава, претставниците на Центарот за реформа на финансиско известување на Групацијата на Светска Банка имаа средба и со членовите на управниот одбор на ИСОС, на која се разговараше за актуелните состојби и предизвиците со кои се соочува сметководствената професија во земјата, а се разгледаа и можностите и областите за натамошно продлабочување на соработката помеѓу двете организации, во насока на натамошно зајакнување на капацитетите на сметководствената професија, зголемување на квалитетот на финансиското известување и унапредување на статусот на професионалните сметководители во нашата земја.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Струјата поскапува за 7,4 отсто, евтината тарифа останува

Редакција

Горивата поевтинуваат до еден денар

Редакција

Казна затвор до една година за работодавачите кои ќе манипулираат со исплатата на К-15

Редакција