Министерството за правда ги објави записниците од Комисијата за надзор над примената на одредбите од Судскиот деловник и надзор над спроведувањето на одредбите од Законот за управување со движење на предметите во судовите за 2024 година.
Од таму велат дека од извршениот увид во основните судови и апелационите судови, заклучокот е дека движењето на предметите во судовите се врши согласно законот преку АКМИС. Распределба и прераспределба на предмети се врши електронски и не се забележани случаи на рачна распределба на предмети.
„Изземања на судии се врши според законската процедура и врз законските основи. За секое исклучување и вклучување на судии од АКМИС постојат образложени одлуки заради отсуство подолго од пет дена,“ велат од Министерството.
Надзорот утврдил и одреден број на слабости за кои Министерството за правда доставило препораки чија реализација ќе ја следи Комисијата.
„Судовите се соочуваат со недостаток на судии и административни службеници. Судскиот совет да изврши итен избор на судии со цел да се овозможи пополнетост на судовите со судии. Во ниту еден од контролираните судови не е пополнет систематизираниот број на судиски места. Судовите работат со недостаток од стручни соработници, информатичари и архивари.
Во дел од судовите нема телефонска централа и не се обезбедени униформи за припадниците на судската полиција. Нема лифтови ниту пристап за лицата со попреченост. Судовите не ги објавуваат редовно на веб страницата програмите за работа, годишните планови, распоредите и други акти со цел да се овозможи поголема транспарентност на работата на судот.
Предложени се мерки за решавање на овие проблеми, а Комисијата ќе продолжи со следење на нивната реализација,“ велат од Министерството.
Фото: Unsplash