Уставниот суд на вчерашната седница реши да не поведува постапка за оценување на Законот за измена на Законот за облигациони односи и на Законот за извршување, а со ова, според неофицијалните проценки на порталот Пари.мк, застаруваат околу 350.000 предмети кои до 2013 година се дадени на извршување од страна на компаниите, но и на граѓаните.
Според информации на Пари, одлуката не била донесена едногласно, а дел од уставните судии сметале дека измените на законите за облигациони односи и за извршување, со кои предметите застаруваат после 10 години и каматата не може да го надмине износот на главниот долг, е против уставна.
Фирмите и стопанствениците сметаат дека со измените на двата закони ќе претрпат милионски загуби, бидејќи ќе се отежне наплатата на долговите меѓу самите фирми, но и фирмите и должниците граѓани.
Исто така, проблеми ќе се јават и при наплата на побарувањата што ги имаат граѓаните од други граѓани, како што е во случај со алиментација за издршка на дете или кога должникот намерно го одолговлекува плаќањето кон оној кој му позајмил пари, пишува Пари.