еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Детален преглед: Како Владата ќе го полни и празни буџетот за 2019 година

Владата вчера го објави предлог-буџетот за 2019 година во кој вкупните приходи планираат на ниво од 210,8 милијарди денари, а расходите се планирани на ниво од 228,5 милијарди денари.

Проекциите за приходите на Буџетот за 2019 година се базираат на реализацијата на приходите во тековната 2018 година, очекувањата за економските остварувања во идната година, реформата планирана кај персоналниот данок на доход и кај социјалните придонеси.

Даночните приходи за 2019 година се планирани во износ од 121,9 милијарди денари, што е зголемување за 6,4 отсто во однос на 2018 година.

Најголемо учество во планираните даночни приходи има данокот на додадена вредност и тоа 42,8%, додека на акцизите отпаѓаат 22,4%.

„Од 2019 година е предвидено воведување прогресивен данок на личен доход, со кој лицата кои имаат повисок доход би плаќале данок на доход по повисоки маргинални стапки.

Воведувањето на прогресивниот данок се прави со цел да се намали доходовната нееднаквост во Македонија, која е моментално меѓу највисоките во Европа, како и со цел да се обезбедат дополнителни буџетски средства за вложувања во јавни услуги и инфраструктура.

Ефектот во Буџетот од воведувањето на прогресивниот данок на личен доход изнесува околу 1,5 милијарди денари.

Кај приходите по основ на царини, кои се планирани во износ од 5,8 милијарди денари, вклучен е и ефектот од намалувањето на царините за увоз на стоки од ЕУ согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација“, пишува во предлог-буџетот.

Во Буџетот за 2019 година планирано е 18,5 милијарди денари да се остварат по основ на неданочни приходи (административни такси, концесии и други неданочни приходи) и 2 милијарди денари како капитални приходи (по основ на продажба на општествени станови и земјиште и по основ на планирана дивиденда од АД Македонски Телеком).

Социјалните придонеси како изворни приходи на фондовите за пензиско и здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување се планирани во износ од 62,3 милијарди денари.

Со цел постепено стабилизирање на пензискиот систем и обезбедување на негова оддржливост, со Буџетот за 2019 година планирано е зголемување на стапките на социјалните придонеси и тоа зголемување на стапката на придонес за пензиско и инвалидско осигурување за 0,4 процентни поен и зголемување на придонесот за здравствено осигурување за 0,1 процентен поен.

„Позитивните ефекти од порастот на придонесите во буџетите на соодветните фондови изнесуваат околу 1,1 милијарди денари. Дополнително на ова, планирани се мерки со цел решавање на проблемот со нееднаквоста на пензиите на сегашните и идните пензионери и решавање на проблемот со нерамноправна распределба на осигурениците во двостолбниот пензиски систем“, пишува во предлог-буџетот.

Во текот на 2019 година по основ на донации предвидени се 6,1 милијарди денари кои буџетските корисници е планирано да ги реализираат на сметките за сопствени приходи за конкретни проекти, како и повлекувањата од предпристапните фондови на ЕУ.

Вкупните расходи во Буџетот за 2019 година, планирани во износ од 228,5 милијарди денари се во функција на редовно и навремено исполнување на сите законски обврски, поддршка на домашната економија, забрзување на инфраструктурните проекти, како и интензивирање на интеграционите процеси за ЕУ и НАТО.

„Оттука, со Буџетот за 2019 година во целост се поддржува приоритетот за интегративните процеси на Република Македонија во ЕУ и НАТО. Во оваа насока, обезбеден е значителен износ на средства за Министерство за одбрана како предводник на реформските активности на Република Македонија во постигнување на стратегиската цел на државата – зачленување во НАТО.

Планираниот износ на средства ќе придонесе кон реформи во одбранбениот сектор согласно НАТО стандардите, модернизирање и опремување на АРМ, професионална подготовка на припадниците на АРМ и долгорочен развој на одбраната“, пишува во предлог-буџетот.

Тековните расходи за 2019 година се планирани во износ од 202,4 милијарди денари, наменети за редовна исплата на платите на вработените во јавниот сектор и нивно зголемување во последниот квартал од 2019 година за 5%, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални надоместоци, исплата на субвенциите во земјоделството, засилена поддршка на малите и средните претпријатија, како и субвенционирање на иновативните активности.

“Во овие рамки расходите за исплата на плати се проектирани на ниво од 28,4 милијарди денари. Во рамки на овие средства предвидено е покачување на платите за 5 % за вработените во буџетските корисници во последниот квартал од годината, односно почнувајќи со исплатата на септемвриската плата во 2019 година.

Ваквото зголемување се предлага со цел подобрување на стандардот на живот на вработените и зголемување на мотивот за професионално, квалитетно и целосно исполнување на работните задачи, особено во фаза на спроведувањето на преговорите околу интеграцијатаво ЕУ и НАТО.

Расходите за стоки и услуги се проектирани на износ од 19,6 милијарди денари, со што ќе се обезбеди редовно и непречено подмирување на обврските на буџетските корисници, зголемување на средства за финансирање на здравствените програми, со цел унапредување на здравјето и подобрување на здравствената заштита на населението, што е поддржано и со обезбедување на средства за бесплатно болничко лекување за одделни ранливи категории, како и обезбедување на средства за претседателски избори во 2019 година“, пишува во предлог-буџетот.

Тековните трансфери и субвенции планирани во 2019 година на ниво од 145,2 милијарди денари се однесуваат на:

-Социјални трансфери се проектирани на износ од 107,7 милијарди денари. Во текот на 2019 година 56,4 милијарди денари се наменети за исплата на пензии. За исплата на паричен надоместок во случај на невработеност за невработените лица планирани се средства во износ од 1,4 милијарди денари.

-За спроведување на активните политики и мерки за вработување планирани се 1,1 милијарди денари, кои ќе бидат насочени кон креирање на програми, мерки и услуги за вработување кои ќе се спроведат за да се подобри функционирањето на пазарот на трудот, да се поддржи создавањето на нови работни места, како и вработувањето на млади лица – младинска гаранција.

-За здравствена заштита се планирани средства во износ од 30,2 милијарди денари. Ова ниво на планирани средства за здравствена заштита, кое ќе се реализира преку Фондот за здравствено осигурување, е поголемо во однос на 2018 година за околу 1,2 милијарди денари, во најголем дел наменети за финансирање на здравствените услуги, како и за зголемување на платите на докторите специјалисти за 10% почнувајќи од јануари 2019 година и за дополнителни 5% почнувајќи со исплата на септемвриската плата во 2019 година.

Истовремено предвидено е да се зголемат платите за 5% на останатиот медицински персонал во јавните здравствени установи почнувајќи со исплатата од јануарската плата во 2019 година.

-Обезбедувањето на соодветно ниво на социјална заштита на најранливите слоеви на населението е од особена важност за постигнување на повисоко ниво на социјална правда. Оттука, во буџетот по овој основ планирани се средства во износ од 10,3 милијарди денари, во чии рамки е опфатена целосната реформа на системот за социјална заштита преку воведување на гарантиран минимален приход.

Реформата на социјалната заштита е насочена кон редизајнирање на видовите адекватноста и таргетирањето на социјалната помош, со цел поддршка на најранливите категории, како и обезбедување на социјална сигурност на старите лица.

-Субвенциите во земјоделството, како и значителниот износ на средствата од ИПАРД програмата ќе обезбедат негово натамошно зајакнување и поддршка со цел зголемување на извозот на македонските земјоделски производи и освојување нови пазари.

-За зголемување на конкурентноста на приватниот сектор, преку мерки за нови инвестициони вложувања, мерки за поддршка на извозот и освојување на нови пазари, поддршка за создавање на нови вработувања, поддршката на малите и средните претпријатија, иновативната дејност, технолошки развој и истражување и странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони планирани се средства во износ од 2,8 милијарди денари.

-Трансфери до ЕЛС во износ од 19,1 милиони денари за финансирање на пренесените надлежности на општините и приходи остварени од ДДВ. Овие средства во однос на 2018 година се зголемени за 1 милијарда денари, од кои 143 милиони денари по основ на ДДВ дотација, додека 865 милиони денари е зголемена блок дотацијата.

Во овие рамки се обезбедени средства за зголемување на платите за вработените во институциите од пренесените надлежности на ЕЛС за 5% почнувајќи од септемвриската плата во 2019 година, односно платите на вработените во училиштата, градинките, домовите за стари лица, културните установи и пожарникарите.

Капиталните инвестиции планирани на ниво од 26,2 милијарди денари, се обезбедуваат од буџетски средства, ИПА фондови и заеми. Истите се наменети за интензивирање на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патна и железничката инфраструктура, енергетската и комунална инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството, стои во предлог-буџетот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Ќе ги амнестираме и после ќе викаме да не повтори“: Твитер реакции за двегодишнината од настаните од 27 април

Редакција

„Виз ер“ ја продолжува суспензијата на летовите од и до Македонија до 14 јуни

Редакција

СИРИЗА Солун го осуди инцидентот на изложбата на Андреевски и бара полицијата да ги уапси сторителите

Редакција