Правниот тим на политичката партија Левица поднесе Иницијатива за вршење вонреден инспекциски надзор до Министерството за култура, против Општина Липково, а со цел утврдување на законитоста на постапката околу подигнувањето на контроверзниот споменик во с. Слупчане, информираат од партијата.
“Имено, сметаме дека подигнатиот меморијален споменик, во чест на борците на УЧК/ОНА, со намера трајно зачувување на спомените на овие личности, не ги исполнува клучните формално-правни и материјално-правни претпоставки кои, мора да бидат исполнети за еден споменик да се смета за меморијален и истиот како таков да може да биде подигнат.
Согласно добиените информации, сметаме дека, комплетната постапка околу подигањето на предметниот контроверзен споменик во с. Слупчане е незаконска и истата не ги исполнува следниве претпоставки: не содржи иницијатива од овластен предлагач, Собранието на РМ не донело програма за таа намена, не е донесена собраниска одлука во таа насока и Собранието на РМ, нема именувано Одбор, кој подоцна треба да го спороведе конкурсот за изработка на идеен проект за подигање на меморијален споменик.
Настаните и личностите што се одбележуваат со меморијален споменик треба да се од исклучително значење за развојот на државноста на Република Македонија и за нејзиниот државно-правен континуитет и да се вградени во историскиот развој на државата.
Спорниот споменик се однесува на одбележување на личности кои се со Закон за амнестија (2002 година) амнестирани криминалци и терористи.
Поради тоа бараме, министерството да ги преземе сите законски дејствија и по утврдената фактичка состојба, да донесе соодветни управни акти со што би санкционирали и спречиле понатамошни непочитувања и постапувања спротивни на Законот за меморијални споменици и спомен обележја“, велат од партијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Левица