еМагазин
Image default
Македонија

АХВ: Работиме на создавање услови за решавање на проблемот со бездомните кучиња

Агенцијата за храна и ветеринарство активно работи на создавање услови за решавање на проблемот со бездомните кучиња. Испратен е допис до сите општини кои имаат законска обврска за воспоставување на соодветен систем за контрола на популацијата бездомни кучиња, соопшти денеска АХВ.

– Од страна на официјалните ветеринари се вршат контроли дали локалните самоуправи имаат донесено план и програми за контрола на популацијата бездомни кучиња и во која фаза на реализација се во делот на изградба на прифатилишта за бездомни животни, како најсоодветен систем за контрола на популација на кучиња кој општините имаат законска обврска да го воспостават, наведува Агенцијата.

АХВ појаснува дека со контролите констатирани се неусогласености кај дел од општините и даден е рок за нивно отстранување, по што доколку не се постапи по истите, согласно законските надлежности, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе изрече и законски казни.

Потсетува дека во соработка со Ветеринарната комора и ветеринарните друштва, од септември годинава се спроведува процесот на идентификација на милениците, за што Агенцијата за храна и ветеринарство обезбеди 100 илјади бесплатни микрочипови. Во модулот за домашни миленици во Ветеринарно информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство во моментов се евидентирани 21.809 миленици, најголемиот дел кучиња.

– Како одговорна институција ги потсетуваме граѓаните дека имаат законска обврска да ги идентификуваат своите кучиња и мачки со микрочипови и затоа апелираме да ја искористат можноста и тоа да го сторат во рамки на кампањата за бесплатни микрочипирање на милениците, се наведува во соопштението на АХВ.

Донацијата на микрочиповите, додава АХВ, е еднократна, кампањата се спроведува по принципот „Прв дојден, прв услужен“ и ќе трае до 31 март идната година, односно додека не се потрошат набавените количини бесплатни микрочипови.

– Кампањата за бесплатно микрочипирање на милениците е дел од тригодишната стратегија што ја донесе Агенцијата за храна и ветеринарство за да се обезбеди здравствена заштита и благосостојба на животните, да се поттикне одговорното сопствеништво и да се намали бројот на кучињата скитници по улиците низ државава, наведува АХВ.

Агенцијата потсетува дека списокот на ветеринарните друштва со кои Агенцијата има склучено договор за реализација на оваа кампања е објавен на интернет страната на Агенцијата за храна и ветеринарство –www.fva.gov.mk и оти сопствениците на миленици можат да одберат кај кое ветеринарно друштво ќе го микрочипираат својот миленик.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Фајненшел тајмс“: Поради Македонија и корупцијата, Борисов ја внесе Бугарија во проблематичната група во ЕУ

Редакција

Груевски се жали дека му се суди политички, утре не оди во Апелација

Редакција

Ставрески за „Фокус“: Не планирам враќање во високата политика, сакам да помогнам со своето знаење

Редакција