еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Акционери ја тужат Стопанска банка Скопје, бараат крај за „статусните игри“ и отштета

Акционери во Стопанска банка Скопје, сопственици на приоритетни акции поднеле тужби против банката, бидејќи сметаат дека се оштетени поради тоа што намерно се избегнувала законската обврска во Статутот на банката да бидат вметнати правата од приоритетните акции и бидејќи им се ускратува правото на соодветно учество во распределба на добивката.

Тие бараат побивање на одлуките од Собранието одржано во мај, минатата година кои се однесуваат на Статутот на банката и на начинот на распределба на добивката, како и утврдување на право на дивиденда и надомест на штета. Првата пресуда во однос на промените на Статутот се очекува во четврток, оваа недела.

ПРИМОРАНИ ДА ТУЖАТ 

Акционерот Влатко Ташковски, сопственик на приоритетни акции во банката за „еМагазин“ вели дека на седницата на годишното собрание во 2019 година доставиле барање за вклучување на точки на дневен ред заради уредување на правата на приоритетни акции и тврди дека спротивно на законот биле одбиени.

„Надзорниот одбор (НО) на банката предложи друга предлог одлука за измена на Статут, игнорирајќи ги нашите барања и така не достави предлог одлука за правата на приоритетни акции до Собранието. НО има седум членови, пет од нив се од редовите на Националната банка на Грција, која е доминантен сопственик на Стопанска банка Скопје.

Зошто го кажувам ова? Заради фактот што околу 600 акционери се надевавме дека дневниот ред сепак ќе биде дополнет на самата седница и ќе има гласање за одлука за измена на Статут со која правата на приоритетни акции би биле запишани во Статутот.

Имавме и посебно полномошно составено од нас. Но, и на седницата немаше волја, и потоа бевме приморани да поднесеме тужба за да ги оспориме измените на Статутот. Со тоа единствената предлог одлука за измена на Статут што беше на годишното собрание беше во корист на мнозинскиот акционер, а на штета на акционерите со приоритетни акции“, вели Ташковски.

Според него, иако Законот за трговски друштва (ЗТД) од 2004 година налага дека Статутот  меѓудругото треба да содржи одредби за: номиналната вредност на акциите, бројот на акциите од секој род и класа, правата, обврските, ограничувањата и погодностите, банката не ги впишала правата на приоритетните акции во Статутот цели 16 години и не го усогласила работењето со овој закон.

Ташковски го цитира член 288 од ЗТД  став (1): “Секоја одредба од статутот или од друг акт на друштвото што е спротивна на одредбите на овој закон е ништовна”, и затоа тој очекува во четврток судот да донесе пресуда во корист акционерите.

Тој укажува и на одговорот добиен од Комисијата за Хартии од Вредност (КХВ) од 06.03.2019: “Комисијата ги анализираше одредбите од Статутот на овој издавач (н.з. Стопанска Банка АД Скопје) и констатира дека отсуствува поблиско прецизирање на приоритетните акции и правата кои тие ги даваат и притоа настанува правна дискрепанца во поглед на правата кои според важечките законски прописи ги даваат приоритетните акции со правата кои во пракса се остваруваат до сопствениците на издадените приоритетни акции на Стопанска Банка АД Скопје.”

Дополнително, посочува тој, и во објавениот Проспект за котација на акции на банката објавен во мај 2013 година на страната на Македонската берза, правата не се запишани согласно Правилата за котација.

ОТШТЕТА БАРААТ 430 АКЦИОНЕРИ

Ташковски додава дека дополнителен проблем е што за приоритетните акции следува гарантирана дивиденда која треба да биде утврдена во фиксен износ, а не во променлив-опаѓачки, а се исплаќа годишно доколку друштвото оствари добивка доволна за нејзина исплата.

„Комисијата за хартии од вредност, како последица на нашето обраќање до нив во февруари 2019, прв пат и укажа на Стопанска банка дека во Статутот гарантираната дивиденда треба да биде во однапред утврден паричен износ или во процент од номиналниот износ на акцијата (согласно ЗТД чл 278).

Овој член во ЗТД постои од 2004 година, а правото на гарантирана фиксна дивиденда во одлуките за емисии на акции на издавачот Стопанска банка е дадено е од 1991 година. Стопанска банка исплаќа гарантирана дивиденда во постојано опаѓање од 54 денари (2000 година) на 9 денари (2018 година), и тука е проблемот“, вели Ташковски.

Имено, тоа се случува во период кога банката важи за една од најпрофитабилните компании во земјава чија добивка во 2018 изнесуваше 44,7 милиони евра.

Поради тоа, 430 акционери – иматели на приоритетни акции застанале зад тужбата со која се бара надомест на штета по основ на неисплатена гарантирана фиксна дивиденда (разлика од исплатеното до фиксниот утврден износ од 54 денари/акција колку што изнесувала првата дивиденда) и неисплатен варијабилен дел на дивиденда од исплатената дивиденда сразмерно поделена согласно уделите на приоритетни акции и обични акции во номиналниот капитал на банката.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Акционерски превирања во Стопанска банка Скопје: Малцински акционери тврдат дека се оштетени

Стопанска банка Скопје оствари добивка од 44,6 милиони евра

Стопанска банка Скопје оствари добивка од 31 милиони евра за девет месеци

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Никој не сака да ги брани осомничените за грабнувањето и соучество во убиствата на Вања и Панче

Редакција

Топ пет највисоки плати во Македонија

Редакција

Достоинство на Стојанче Ангелов ќе коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, излезе од коалицијата со СДСМ

Редакција