еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

„Алкалоид“ планира приходи од над 190 милиони евра, инвестиции и нови вработувања во 2020 година

Бизнис планот на „Алкалоид“ АД Скопје за 2020 година предвидува консолидирани продажби од над 190 милиони евра, што претставува раст од 7% во однос на очекуваните за 2019 година, соопшти компанијата преку Македонската берза.

Сегментарно по Профитни центри, 86% од консолидираните продажби се очекува да ги реализира ПЦ Фармација, а 14% ПЦ Хемија Козметика Билкарство.

Се очекува 35% од консолидираните продажби да бидат остварени на домашен пазар додека 65% од извоз.

Планираниот биланс на успех предвидува раст од 10% на консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (EBITDA). Консолидиранaтa нето добивка е предвидена со раст од најмалку 7% во однос на очекуваната за 2019 година.

Бизнис планот за 2020 година предвидува инвестирање на околу 14% од консолидираните приходи од продажби во материјални и нематеријални средства.

„Во 2019 година започнаа инвестициите во новите производни одделенија што ќе се простираат на површина од 7.000 м² и кои како и останатите, ќе се изведуваат во согласност со строгите барања за Добра производствена практика (GMP).

Ова ќе овозможи зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50%, односно од сегашниот капацитет од речиси 2 милијарди таблети и капсули годишно, на повеќе од 3 милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми.

Вкупниот износ на инвестицијата е проценет на 11 милиони евра. Комплетирањето на оваа инвестиција, планирано за првата половина од 2020 година, ќе создаде услови за реализирање на околу 200 нови вработувања во сегментот Фармација“, соопшти компанијата.

Оттаму додаваат дека во 2020 година предвидена е и финализација на проектот за гасификација на локалитетот „Алкалоид“ – Ѓорче Петров со цел подобрување на енергетската ефикасност и намалување на штетни емисии во воздухот.

„Природниот гас претставува исклучиво вредна енергетска и хемиска суровина која поседува значајна технолошка, економска и еколошка вредност во однос на останатите горива, истиот е идеално гориво кое лесно се меша со воздухот, има исклучителна брзина на согорување без дим, ги согорува цврстите остатоци и не ја загадува околината. Проектот е вреден над 1 милион евра“, велат од компанијата.

Согласно со растот на деловните операции на пазарот во САД, планот предвидува зголемување на капацитетите во сегментот Билкарство преку набавка на нова машина за пакување на филтер чаеви во вредност од 1,3 милиони евра.

„Следејќи ги плановите за раст и развој, во 2020 година очекуваме околу 100 нови вработувања во „Алкалоид“ АД Скопје како и 50-тина вработувања во друштвата во странство. Продолжуваме со вложувањата во човечки капитал преку издвојување на значителни средства за обуки и останати бенефиции за вработените, воедно создавајќи предуслови за понатамошно зголемување на просечната нето плата по вработен“, велат од компанијата.

Оттаму информираат дека акциите на „Алкалоид“ АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидни акции на берзата.

Цената на акцијата во 2019 година се движеше од 8.200 денари до 11.800 денари или просечно 9.493,29 денари за една акција. Цената на акцијата на последната трансакција на 27.12.2019 година изнесуваше 11.800 денари.

Пазарната капитализација на компанијата надмина 16 милијарди денари.

„Менаџментот на компанијата ќе продолжи и понатаму со досегашната дивидендна политика соодветно на остварените резултати. Планот предвидува алоцирање на дел од нето добивката на компанијата за дивиденда и персонален данок, додека остатокот за инвестиции“, соопшти компанијата.

Согласно стратешката определба, „Алкалоид“ и во 2020 година ќе продолжи по курсот на развојот, ќе продолжи да инвестира во производствените капацитети и во современите технологии, во човечките ресурси и во заедницата воопшто.

“Прв приоритет и понатаму останува регионот. Втор приоритет се земјите од ЕУ, САД, Русија и земјите од ЗНД. Трет приоритет се останатите пазари“, велат од компанијата.

Бизнис планот на компанијата за 2020 година е донесен со одлука на Управниот Одбор на Алкалоид АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2019 година.

Групацијата „Алкалоид“ е составена од две подружници во земјата како и 16 подружници и 2 претставништва во странство односно во Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Бугарија, Турција, Украина, Русија и САД.

Компанијата има 1.620 вработени во земјата и 492 вработени во подружниците и претставништвата надвор од земјата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Десет најтргувани акции на Македонската берза во јуни

Редакција

Реформите во владеење на правото и борбата против корупцијата остануваат разочарувачки, порача Гир

Редакција

Најмладите на 30 и 32 години: Од Ковид-19 починаа 13 лица, пет се вакцинирани

Редакција