еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

„Алкалоид“ потпиша нов меморандум за соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за Програмата за практикантство

Со цел овозможување дополнителни услови за професионално профилирање на студентите и за усвојување практични вештини под менторство на врвни професионалци во повеќе дејности, „Алкалоид“ АД Скопје склучи нов меморандум за соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје (УКИМ) во рамките на Програмата за развој на практикантство, информираат од компанијата.

Ова официјализирање на постојното меѓусебно партнерство, кое досега опфаќаше соработка на компанијата со четири факултети при УКИМ, е со цел да се прошири опсегот на образовни профили за кои би постоела можност за практикантска работа на студентите, кои ја претставуваат идната работна сила на земјата.

Предметниот меморандум го потпишаа генералниот директор и претседател на Управниот одбор (УО) на компанијата, Живко Мукаетов и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски.

Работната група е составена од претставници на двете институции, предводени од раководителот на Одделот за човечки ресурси во „Алкалоид“, Никола Ефтимов и од раководителката на Центарот за кариера при УКИМ Скопје проф. д-р Јасмина Тониќ-Рибарска.

„Како општествено одговорна компанија ги отвораме вратите за што повеќе студенти кои имаат желба и волја пред прагот на своето професионално поглавје да се стекнат со соодветни практични знаења и вештини, под директно менторство на нашите докажани професионалци во различни сегменти од работењето на ’Алкалоид’.

Со цел да создадеме силна синергија меѓу образовниот и реалниот сектор и да го подигнеме нивото на научноистражувачката дејност, им овозможуваме на студентите од повеќе факултети на УКИМ да се вклучат во секојдневните компаниски процеси и низ еден систем на високо поставени деловни вредности да го развијат својот професионален потенцијал“, истакна генералниот директор и претседател на УО на компанијата, Живко Мукаетов.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје проф. д-р Никола Јанкуловски изрази благодарност за подготвеноста на компанијата „Алкалоид“ постојано да ги надградува капацитетите за квалификација на студентите, чии образовни профили се дел од кадровската структура на компанијата.

„Преку оваа соработка студентите се стекнуваат со практично искуство, кое ќе биде од непроценливо значење додека се подготвуваат за своите идни кариери. Сметаме дека оваа соработка со ’Алкалоид’ АД Скопје ќе ги задоволува потребите на нашите студенти, како и на компанијата“, истакна проф. д-р Јанкуловски.

Раководителката на Центарот за кариера при УКИМ го потенцираше значењето на практичното искуство во однос на барањата на пазарот на трудот.

„Со потпишувањето на овој договор за соработка со ’Алкалоид’, една од најдобрите фармацевтски компании во Југоисточна Европа, ќе им се овозможи на нашите студенти одлична можност да стекнат практично искуство и да учат од професионалци во индустријата.

Преку оваа соработка очекуваме нашите студенти да добијат корисни искуства и, секако, продолжуваме да инвестираме во квалитетот на нашите дипломци и да создаваме кадар кој ќе одговара на очекувањата на пазарот на трудот“, истакна проф. д-р Јасмина Тониќ-Рибарска.

Практикантската работа во „Алкалоид“ ќе биде достапна како за студентите од факултетите при УКИМ, со кои традиционално се соработува (како Фармацевтскиот, Медицинскиот, Институтот по хемија на Природно-математичкиот, Технолошко-металуршкиот факултет) така и за студентите од останатите факултети од Универзитетот, како Машинскиот, Факултетот за електротехника и информациски технологии, Факултетот за компјутерски науки и инженерство и други факултети.

Со овој концепт на практикантска работа, кој се изведува во работните простории на „Алкалоид“, студентите ќе имаат можност да се здобијат со практично искуство во делот на фармацевтската, козметичката, билната и хемиската индустрија.

Програмата за млади таленти оваа година ја очекува шестата генерација практиканти, а досега во нејзини рамки биле вклучени 205 практиканти, од кои 94 се веќе вработени во компанијата. Соработката меѓу „Алкалоид“ и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, во делот на Програмата за практикантство, за првпат е започната во април 2018 година, а првиот циклус на практикантство со своевремено два факултети е заокружен во септември истата година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Полицаец воедно и сопственик на агенција за обезбедување, држел и неовласетно изработувал оружје

Редакција

Нови 815 случаи со Ковид-19, четворица починати и 1.252 оздравени

Редакција

НЛБ Банка оствари добивка од 23,6 милиони евра за девет месеци

Редакција