еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Анкета на ИРИ: Мнозинство граѓани поддржуваат влез во ЕУ и НАТО под „Република Северна Македонија“

Мнозинството македонски граѓани сакаат да се реши спорот за името со Грција и Македонија да стане членка на Европската Унија и на НАТО, покажува анкетата на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во пресрет на референдумот на 30 септември.

Вкупно 57 проценти од анкетираните, од кои 37 отсто „целосно“, а 20 проценти „донекаде“ го поддржуваат предлогот Македонија да се зачлени во ЕУ и НАТО под новото име „Република Северна Македонија“. Истиот број (57 проценти) веруваат дека придобивките од членството го оправдуваат прифаќањето на новото име. Половина од анкетираните (49 проценти) имаат намера да гласаат за решавање на спорот за името, споредено со 22 проценти, кои ќе гласаат против предложената промена.

„Како што Македонија се приближува кон овој важен референдум, поддршката за компромисно решение на спорот за името, што би ги отворило вратите кон членство во ЕУ и НАТО, укажува на силна наклонетост кон трансатлантските институции“, вели Пол Мекарти, в.д. регионален директор на ИРИ за Европа.

Поддршката за членство во ЕУ и НАТО продолжува да расте. Бројот на анкетираните кои го поддржуваат зачленувањето на Македонија во ЕУ порасна на 83 проценти – што е зголемување од шест проценти од однос на август 2017, а за 11 проценти од март 2017. Поддршката за НАТО исто така останува силна со 77 проценти.

Анкетата одразува и постојан тренд на зголемен оптимизам и перцепција за националната стабилност. Триесет и седум проценти од анкетираните сметаат дека земјата се движи во вистинската насока – што е зголемување од 10 проценти од август 2017 и 23 проценти од март 2017. Перцепцијата за стабилноста е исто така висока. Бројот на анкетирани кои сметаат дека Македонија е постабилна денес отколку пред една година (37 проценти) го надминува бројот на оние кои веруваат во спротивното (25 проценти) што е првпат во последните девет години.

Анкетата на ИРИ е спроведена за Центарот за анкетни истражувања преку ГфК Скопје. Податоците се собрани преку интервјуа лице в лице од 28 јуни до 15 јули 2018 година од страна на обучени професионалци. Примерокот се состои од 1.100 анкетирани, на возраст над 18 години, а стапката на одговор беше 69 проценти.

Истражување е спроведено со поддршка на Агенцијата на САД за меѓународен развој.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Министерството за одбрана вработува 125 професионални војници, плата до 24.000 денари

Редакција

Тренчевска: Владата ќе ја преиспита одлуката за спојување на двете концесии за рудникот Иловица-Штука

Редакција

(ВИДЕО) Владин тим на гости во Алкалоид, Мукаетов најави инвестиции од најмалку 50 милиони евра за 5 години

Редакција