еМагазин
Image default
Бизнис

Анкета на Стопанската комора: Отпуштања најавиле 13 отсто од компаниите

Речиси половина или 48 отсто од фирмите нема да ги пратат работниците на принуден одмор, 19 проценти ќе ги пратат на принуден одмор, 19 отсто веќе ги пратиле на принуден одмор, а 13 проценти размислуваат за друга можност, покажува анкетата на Стопанската комора на Македонија спроведена од 7 до 14 април со цел анализа на последиците од коронавирусот.

„Во однос на прашањето за отпуштање на работниците, 86,2 отсто се изјаснија дека нема да ги отпуштат вработените, 13 проценти дека ќе ги отпуштат, а само 0,8 отсто дека веќе ги отпуштиле.

Ова потврдува дека стопанствениците се свесни за важноста на работната сила, во која патем е и инвестирано за успешно натамошно работење на претпријатијата, а соодветно на тоа и за потребата колку што е можно повеќе да ги задржат работниците во редовен работен однос“, вели во видео-изјавата економскиот советник на Управниот одбор на Комората, Зоран Јовановски.

Според анкетата, во однос на финансиите, 44 отсто од фирмите немаат проблеми со ликвидноста, додека 56 проценти, очекувано, имаат проблеми со ликвидноста. Притоа, 65 отсто од фирмите имаат кредити за отплата, а 35 отсто немаат кредити за отплата.

Вкупно 81 отсто пријавиле одреден процент на откажување на договорените аранжмани или работа на претпријатието. Притоа, 35 отсто пријавиле дека процентот на откажување на договорените аранжмани или работа е поголем од 50.

„И покрај проблемите со кои се соочуваат претпријатијата во однос на производството, извозот, увозот, прометот и синџирот на добавувачи, радува сознанието дека 71 отсто не размислуваат за затворање на претпријатието, а дополнителни 21 процент размислуваат за затворање само на еден дел од претпријатието.

Ова може да се поврзе со фактот што дури 79 отсто од анкетираните претпријатија работат повеќе од 10 години на пазарот. Според анкетата, осум проценти би го затвориле претпријатието во целост“, посочува Јовановски.

Во анкетата, фирмите се изјасниле и која од економските мерки на Владата планираат да ја искористат.

„Најголем дел од анкетираните фирми, 30 отсто, планираат да ја користат мерката – 14.500 денари месечно по вработен за април и мај, за компании погодени од кризата или 50 отсто од трошоците за придонеси за секој вработен.

За користење на мерката – задолжително користење на првиот дел од годишниот одмор се изјасниле 26 отсто од претпријатијата.

Мерката – одложување на кредитите кај банките и пролонгирање на отплатите, репрограмирање, грејс период, поповолна каматна стапка и слично, ќе ја користат 12 отсто од анкетираните претпријатија.

Мерката – дополнителни бескаматни кредити за фирмите од нови осум милиони евра од Развојната банка на Северна Македонија ќе ја користат седум проценти од претпријатијата, а исто толку се изјаснија и за користење на мерката – 50 милиони евра евтини кредити од Развојната банка на Северна Македонија“, вели Јовановски.

Ова е втора анкета на Стопанската комора, по објавената минатиот месец, а вклучува одговори на компании што лани заедно имале вкупни приходи од 94,4 милијарди денари или 1,53 милијарди евра.

МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Детален преглед: Кој и како може да аплицира за државна помош од 14.500 денари по вработен?

Стопанска комора: До 4,5 милиони денари трошоци кај фирмите поради отсуство на работниците

Во време на отпуштања: Има компании што вработуваат сред „корона-кризата“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Влада: Условите за грантови ги исполниле 133 ресторани за свадби и 81 игротека

Редакција

Павле Гацов: Не сум бил и нема да бидам дел од кабинет, aнгажманот е експертски со точно определен делокруг на експертиза

Редакција

„МБМ архитекти“ го доби тендерот на општина Аеродром за надзор на градежни работи вреден 76.000 евра

Редакција