еМагазин
Image default
Македонија

По епидемијата со морбили: Апел до родителите да ги вакцинираат децата

Поради актуелниот случај со морбили (мали сипаници) во детска градинка во скопската населба Радишани, каде има 5 заболени деца и еден возрасен (сите во стабилна состојба), заедно со Комитетот за имунизација и Комисијата за заразни заболувања, како и Државен здравствен и санитарен Инспекторат, преземени се итни и неопходни мерки за да го спречиме понатамошното ширење на болеста, информираше министерот за здравство Венко Филипче.

Градинката во населбата Радишани ќе биде затворена 15 дена. Веќе е извршена дезинфекција на целиот објект. Во неа биле запишани 223 деца, а во овој период во просек ја посетувале 104 деца.

„Препорачуваме, вакциналните пунктови во Здравствените домови да спороведат вакцинација за сите деца на возраст од 1 до 14 години на територијата на целата земја, кои досега биле пропуштени или невакцинирани од која било причина. Но, само како вонредна мерка за децата од скопската населба Радишани, се препорачува вакцинација од 6 месечна возраст. Сите деца кои ќе бидат вакцинирани во овој момент, а се на возраст од 6 месеци до 15 месеци подлежат на примање на уште една доза вакцина од 18 – 24 месеци“, изјави Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје.

Лицата на возраст над 14 години до 45 години кои биле во непосреден контакт (фамилијарен или друг) со заболените лица, да се повикаат во Центрите за јавно здравје-Скопје за да се провери нивниот вакцинален статус и доколку не се вакцинирани да се вацинираат.

Филипче истакна дека епидемиолошките служби при ЦЈЗ/ПЕ во соработка со Државниот санитарен и здравствен инспекторат веднаш да започнат со спроведување на засилена контрола во вакциналните пунктови, проверка на вакциналниот статус за МРП вакцина на сите деца од 12 месеци до 14 години на територијата на целата држава.

Проф. д-р Александра Грозданова од Институтот за јавно здравје, на прес-конференцијата препорача сите матични лекари во државата при преглед задолжително да го проверуваат вакциналниот статус на сите деца до 14 годишна возраст и сите пропуштени и невакцинирани да ги упатат на вакцинација.

Во моментот, Министерството за здравство има во залиха доволна количина на МРП вакцини за спроведување на горенаведените активности.

Филипче упати апел до родителите кои имаат мали деца од предучилишна и училишна возраст, задолжително да ги вакцинираат децата.

„Се формира работна група поврзана со изготвување на измена и дополнување на важечката законска регулатива поврзана со надзор на заразни заболувања и спроведување на вакцинација. Во работната група ќе учествуваат експерти од повеќе области од превентивна здравствена заштита, примарна, секундарна и терциерна здравствена заштита, правни експерти и од Државен здравствен и санитарен Инспекторат (ДСЗИ). Единствената превентивна мерка со која ќе го заштитат здравјето и животот на своите деца. Колективниот имунитет е еден од клучните фактори за неширење на болеста и за спречување на поголеми епидемии. Секоја епидемија треба да се сфати сериозно, со целосна одговорност како на институциите, така и на населението. Министерството за здравство гарантира дека вакцините се комплетно безбедни“, потенцираше министерот Филипче.

Фото: Министерство за здравство

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Прогласена епидемија на морбили во скопско Радишани, досега заболени шест лица

Затворена градинката „Ташко Караџа“ во Радишани поради појава на морбили

Пет деца од градинка во Радишани заразени со морбили

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во Кичево два нови случаи на Ковид-19, едно лице почина

Редакција

И шоферот на „Дурмо турс“ пуштен од притвор

Редакција

И СДСМ е за помалку изборни единици со отворени листи

Редакција