еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

„Апотеоза“ на партиите 

Д-р Арбен Таравари 

Што е она што го опишува конструктот политичка партија? Можеби, наједноставно, група луѓе кои одлучиле да бидат заедно на поорганизиран начин, бидејќи имаат, повеќе или помалку, исти концепти, аспирираaт кон ист општествен систем, пожелуваат иста иднина…

Велам, повеќе или помалку! Ќе се задржам токму на оваа предореденост “повеќе или помалку”, што за мене е суштината на една демократска партија. Невозможно е луѓето вечно да делат исти ставови, размислувања и идеи! Би било залудно, невозможно, па дури и изнудено да сме согласни околу сѐ.

Велејќи го ова, некако, се присетив на зборовите на американскиот генерал и политичар Двајт Ајзенхауер, кој рекол дека „доколку политичката партија не се заснова на определбата да се унапреди вистинската цел, а тоа е она што е морално, тогаш тоа не е политичка партија, туку само завера да се преземе власта“.

Оттука, заедничките стремежи, а најпосле, заедничката среќа треба сите нам да ни претставуваат цел. Но, заедничката среќа во вистинската смисла на зборот, а не поим под чијшто плашт се кријат вообразеноста, каприциозноста, измамата и неправдата која потекнува од грст луѓе.

Префрлувајќи се во нашата реалност, во реалноста на ова наше поднебје, повеќето од партиите кои сме ги гласале досега се чини како да имале цели кои ја вклучувале среќата на поединци, а го исклучувале општото добро. Она општо добро за коешто зборувале уште античките грчки филозофи, вклучувајќи ги Аристотел и Платон. За жал, во оваа наша реалност луѓето се соочуваат со партии коишто ја ‘зрачат’ пораката: оди, барај си друга држава или чмај си во самотијата, ние толку можеме!

Толку многу стана сево ова легитимно, што речиси ни изгледа нормално ако победи “другата партија” да наведнеме глава и да чекаме небесна интервенција за да се средиме. Инаку, немаме право да креваме глас!

А, впрочем, зошто би кревале кога партијата е таа што прави сé?!?

Таа вработува!

Таа ти дава право на достоинство!

Таа може да те уништи ако ѝ се спротивставиш!

Партијата те раѓа и те упокојува!

Да беше партијата олицетворена во едно лице, ќе требаше да се поклонуваме под неговата слика, зашто, нели, нему му го должиме животот! А, можеби и не сме така далеку од вистината. Во галаксијата на партијата неретко кон тежиштето гравитираат малкумина величенствени, ако не и еден великан кој очекува сите ние да сме негови идолопоклоници.

Дегутантно, нема што!

Во болницата каде што работам и се среќавам со луѓе кои се борат со животот никој не вели: партијо, помогни ми!

Тие ни се обраќаат нам, лекарите и стручните тимови, некои се молат на Бога, но никој не се повикува на партијата!

Ги жалам сите оние прекрасни момчиња и девојки кои гледајќи ја иднината во своите професии во еден миг се соочуваат со криминогената структура на партијата. Структурата, што, за жал, е изгласана и од нас и од нив, а работи против повеќето и јасно те опоменува: прекинете, кој ги вработи вашите мајки и татковци! Ние ви ги запишавме браќата во училиште!

Ах бре, луѓе мои, зарем мислите дека во Америка или во Западна Европа или, ајде, нека е во развиените општества воопшто, велат: вработен народе, им должите на нашите партии затоа што ве вработивме!

НЕ! ПАРТИЈАТА МУ ДОЛЖИ НА НАРОДОТ, ПАРТИЈАТА Е ДОЛЖНА ДА ОБЕЗБЕДИ РАБОТА ЗА СИТЕ ОНИЕ КОИ СЕ РАБОТОСПОСОБНИ!

Партијата има обврска да креира политики за вработување, па дури и да биде благодарна што има работлив, а не мрзелив народ!

Партијата треба да стори сé за да создава еднакви можности за сите, да ги среди нашите животи, а тоа да го прави без себеглорификување и потрага по идолопоклоници што неуморно и безрезервно ќе се поклонуваат на сечиј нејзин гест. Тоа е функцијата на партијата! Таа треба да се потсети дека нашите способности се наши заслуги, тие се резултат на генетскиот дар од нашите родителите и едукацијата со личен и семеен труд и нема, ама апсолутно нема, партија која тоа може да го замени! И да ти глуми работодавач! Таа не може да го „вработи“  нашето достоинство и интегритет.

Партијата, да не заборавиме, треба да е група луѓе кои создаваат подобри услови за да го вкусиме животот којшто природата ни го подарила сите нам! И ниту една, ама баш ниту една политичка партија, нема екслузивно право над мојот, твојот, нашиот, заедничкиот живот. Развојот треба да биде наш личен стремеж, а партијата да ги обединува и раѓа своите цели токму околу таквите стремежи.

Ете, тоа е партијата според мене!

Ставовите на авторот, не се став на редакцијата на еМагазин

Фото: АлсатМ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Моралот во политиката

Социјален Мозок

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Министерството за одбрана вработува психолози

Редакција

Убава вест: Излекувани 23 здравствени работници заболени од коронавирусот

Редакција

Четврти смртен случај: Десет и пол месечно бебе почина од компликации од морбили

Редакција