еМагазин
Image default
Бизнис

Арсовска: Без борба против сивата економија, црно ни се пишува

Сузбивање на неформалната економија во земјава која изнесува над 30 проценти од севкупната економија е главниот предизвик за обезбедување стабилен деловен амбиент и работа под еднакви и фер услови за сите субјекти во приватниот сектор, вели претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.

Според неа, со моменталните состојби на удар се особено малите и средни претпријатија кои како двигател на македонската економија сочинуваат 99,7 проценти од сите компании и имаат учество од 70 отсто во бруто домашниот производ.

„Во анализите на Сојузот на стопански комори на Македонија кој застапува над 20.000 членови од сите сектори, заедничко е континуираното барање за координирана акција со цел справување со еден од најголемите предизвици за стопанството, сивата економија.

Особено е критично да се обезбеди механизам за справување со оние кои работат во неформалната зона со милионски профити, производители, трговците на стоки и услуги кои заработуваат големи суми, не плаќајки ниту денар во буџетот.

За регистрирани компании ова е погубно, бидејќи тешко се справуваат со притисокот поради тоа што нерегистрираните субјекти имаат поконкурентни производи и услуги, а со кои  им превземаат се поголем дел од потрошувачите“, вели Арсовска.

Според анализите од анкетите на Сојузот на стопански комори на Македонија, вршителите на дејност кои работат без формално регистрирање на својата дејност т.е без фирма, се повеќе од 50% поконкурентни на пазарот од регистрираните фирми, поради тоа што не допринесуваат со обврска за плаќање на ДДВ, придонеси по основ на социјално и пензиско осигурување, тековните трошоци им се многу пониски, бидејќи не плаќаат по индустриска тарифа, со што не само што го оштетуваат буџетот, туку и нудат цени за производи и услуги на пазарот кои се значително пониски, цени кои регистрирана компанија што ги плаќа сите давачки не може да ги постигне поради тоа што повисоките трошоци мора да ги пресмета во крајната цена на чинење.

„Водени од моменталниот деловен амбиент во земјава во услови на најави на регистрирани субјекти за прибегнување во неформалната зона, неопходно е да се релаксираат субјектите кои регистрирано работат од инспекциски надзори со цел намалување на трендот кон тивок премин во сивата зона.

Потребна е здружена акција и искористување на соодветните механизми, со цел менување на перцепцијата дека неформалната е сигурна зона каде нема контроли и казни. Во спротивно и оние кои работат во согласност со законите и плаќаат даноци, тивко ќе почнат да преоѓаат во сивата зона.

Механизми за надминување на оваа состојба со волја и акција на инспекциските служби е отпочнување  со континуирано делување по пријави за нерегистрирани субјекти но и јавно истакнување на оние кои ќе добијат глоба за истото, бидејќи не само што нивното изигрување на прописите претставува затајување на данок туку е и дестимул за сите кои сакаат да работат почитувајќи ги законите“, вели Арсовска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Бизнисот со предлог како да се сузбие сивата економија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Технокомерц со загуба во првите девет месеци

Редакција

„Пуцко петрол“ го доби тендерот за нафта за греење на Универзитетот Гоце Делчев

Редакција

Еуросупер БС-98 поевтинува за два денари, цените на другите нафтени деривати не се менуваат

Редакција