еМагазин
Image default
Бизнис

Арсовска: Буџетот е наменет за плати, не и да го помогне стопанството

Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска излезе со реакција за предлог буџетот за 2020 година.

Нејзиниот став го пренесуваме во целост:

„Да почнеме најпрво со претпоставката за раст на економијата врз која се базира приходната страна на буџетот, веднаш се доведува во прашање целата негова конструкција. Во состојба на континуирани политички превирања имаше потфрлање на повеќе полиња во изминатата година, особено во делот на реализација на капиталните инвестиции, дополнително треба да се има предвид дека компаниите генерираат се помали добивки.

Затоа нејасно е врз кои параметри е базиран проектираниот раст од 3,8% идната година,  со оглед на тоа што влегуваме во изборна година и во првите 6 месеци од годината до конституирање на нова влада се ќе биде во застој поради неизвесноста, доколку се одржат изборите во април 2020 година.

За начинот на кој се планира да се трошат буџетските средства можеше да има поголема транспарентност со што ресорното министерство, преку широка стручна дебата ќе добиеше и инпут од засегнатите страни за тоа како да се подобри структурата на јавните трошења, но и за тоа колку приходната страна е реална.

Од оние информации кои циркулираат во јавноста, заклучокот е дека буџетот е наменет за зголемувањето на платите во образованието, здравството и зголемување на пензиите, но не и како тоа ќе помогне стопанството и граѓаните да добијат подобри услуги, бидејќи системските проблеми нема да се решат на овој начин ниту ќе порасне продуктивноста на компаниите кои го полнат буџетот за да можат да издржат повисоки плати и трошоци.

Од друга страна, трпат капиталните инвестиции, поле на кое се потфрли изминатата година, имајќи предвид дека имаме стратешка заложба за инфраструктурно поврзување на Македонија за побрз проток кое треба да остане во приоритетите, но и дека на овој начин се стимулира работата на над 20 стопански гранки.

Финално, финансирање на трошења кои нема да стимулираат раст на продуктивноста и подобрување на условите за работа на субјектите во приватниот сектор кој е двигател на економијата, е тешка одлука за која креаторите на буџетот ќе имаат одговорност не само пред вработените во јавната администрација и пензионерите, туку и пред приватниот сектот кој вработува 80% од вкупниот број граѓани во државата.

Од буџетот тежок 3,9 милијарди евра за 2020 година, 109 милиони евра или околу 3 % се наменети за директна поддршка на приватниот сектор“.

Фото: ССК

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Како се движеше цената на акцијата на Алкалоид лани

Редакција

Просечната нето плата во април 25.830 денари

Редакција

Приходите на Комерцијална банка намалени за 12,4 отсто

Редакција