еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Јасмин Бем: Разновидноста носи развој, профитабилност и одржливост на компаниите

Деновиве во Скопје се оддржа Самитот Македонија2025, а Јасмин Бем беше една од учесниците. Таа се осврна на интересна тема, зборувајќи за тактиките како да се постигне одржлив развој на компаниите.

Бем е независен консултант и повеќе од петнаесет години работи во областите на одржливост, менаџирање на разновидност, промовирање на полова застапеност, напредок на кариерите на жените во компаниите и со државните власти во повеќе земји.

Во нејзиното богато CV има и работни искуства и во светските гиганти, како Шел, каде обезбедувала поддршка како менаџер за разновидност и инклузивност, и Мајкрософт, каде работела во истата област и на зајакнување на кариерите на жените.

Има МБА Глобален извршен менаџмент од Универзитетот во Минесота и од Виенскиот универзитет за економија и бизнис, а магистрирала на социјална антропологија на Универзитетот во Виена.

Во Македонија сте биле неколку пати. Кои се вашите импресии и како гледате на работите во Македонија, поврзано со областите во кои сте работеле?

Според мене, тоа што Македонија е мала земја може да биде голема предност за одржлив развој. Може да се развива многу побрзо од поголемите земји, ако постои желба за тоа и сите релевантни засегнати страни работат заедно за постигнување на заедничката цел. Затоа ми е огромна чест што имам прилика да учествувам во Македонија2025, настан кој го иницираше овој важен дијалог.

Значаен удел во тој развој може да има практикувањето на разновидноста и инклузијата во компаниите и промовирањето на половата и малцинската застапеност во општеството.

Овие работи даваат силен ефект за одржливоста и профитабилноста на било која компанија и општество.

Колку што јас сум запознаена, жените од историски причини се подобро застапени во техничките сектори отколку жените на пр. во Австрија, од каде што доаѓам. Македонија може да го надгради тоа.

Како гледате на застапеноста на жените во бизнисот во Македонија?

Ако точно се сеќавам, моментално околу 46% од младите жени во Македонија се невработени. Оваа стапка е повисока отколку кај мажите во истата возрасна група. Причините за тоа се различни, но често кога жените во Македонија ќе се омажат престануваат да работат.

Еден недостиг развиен низ историјата што го има Македонија е што нема произведено голема индустрија и што важи за земјоделска земја. Меѓутоа, останува за развој цел еден спектар на сервисни услуги, информатички технологии, работни места во дигитализација и други технички услуги кои во иднина можат да бидат одлично место за вработување на повеќе жени или други недоволно застапени групи, како што се лицата со посебни потреби. Предноста е во тоа што овие групи имаат тенденција да бидат полојални кон своите работодавци, кога им се дава шанса да се истакнат.

Оваа стапка на невработеност на младите жени отвора многу можности за стручна обука и квалификации за привлекување на жени во повеќе професии. Дополнителен потенцијал за забрзување на напредокот може да се создаде преку заеднички програми во индустријата и соработка со повеќе засегнати страни. Проектот 20/20/20 инициран од ЕВН Македонија е многу добар пример.

Колку практикувањето на менаџментот на разновидност може да помогне и во делот на одлив на мозоци, што е сериозен проблем за Македонија?

Ова е навистина голем проблем. Одење во странство не е само заради можноста за поголема заработувачка. Многу често станува збор и за начинот на живот. Прашањето е што може Македонија да направи за да се спротивстави на овој тренд? Како можат македонските компании и Македонија како држава да станат доволно атрактивни за квалификувани работници да сакаат да работат тука, а не во странство?

Честопати спомнуваните Миленијалци, кои сега излегуваат на пазарот на трудот, сакаат да го искористат својот потенцијал, сакаат да бидат вработени за своите вештини, сакаат предизвици, сакаат да работат за некоја повисока цел и да се чувствуваат почитувани на работа. Тие се позаинтересирани за балансирање на семејниот живот со работата и негување на своите интереси и љубопитност.

Практикувањето на менаџментот на разновидност и инклузивност во комбинација со други вредности за одржливост може да го поддржи ова. Исто така, потребен е поинаков стил на управување во кој, на пример, правењето грешки се гледа како можност за учење и развој. И во кој разликите се вреднуваат како придобивка за бизнисот и општеството.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Починаа уште осум лица заболени од корона вирусот, вкупно 414

Редакција

(Видео) Цели населби во Украина исчезнуваат под вода, откако браната Каховка беше крената во воздух

Редакција

Епископ Партениј: Гоце Делчев духовно и културолошки со сигурност не им припаѓа на оние кои преку социјалните мрежи истураат зборови полни со навреди, злоба и омраза

Редакција