еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Атанасоска-Манасиева, ИФФС: Проблемите во новинарството не треба да ги ставеме под тепих, туку да ги решаваме

Од 31 октомври до 2 ноември годинава во „Кино Култура“ по третпат ќе се одржи Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје. еМагазин разговараше со Милена Атанасоска-Манасиева, еден од основачите на Платформа за истражувачко новинарство и анализи ПИНА, асистент на Истражувачки филмски фестивал – Скопје (ИФФС) и уредничка на порталот Факултети.мк.

Која е темата на овогодишното издание на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје?

– Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје секогаш се труди да наметне теми кои се во фокусот и на медиумите и на медиумските организации во светот. Бевме посветени на свиркачите, на потрагата по вистината во време на дезинформации, на лажните вести, а годинава одиме „Кон дигиталното“.

Секако дека нема да се зборува само за оваа тема, но, сепак, гостите, дебатите, работилниците ни се фокусирани на иновативнитe можности на дигиталното време, но и можните нарушувања на приватноста.

Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА заедно со партнерите ФЕС – Скопје од 31 октомври до 2 ноември годинава во „Кино Култура“ по третпат го организира Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје.

ИФФС секоја година има водечка тема на која е ставен главниот печат. Се решивме да го истражуваме дигиталното, бидејќи светот е одамна отиден таму, а ние како и секогаш со тешки маки се трудиме да одржиме чекор.

Има редакции во Македонија што навистина го заслужуваат епитетот дигитални, ќе ги видите на дебатите, дискусиите, но за жал во време кога повеќето новинари се потпросечно платени, без залагања на сопствениците на медиумите да сменат нешто, тешко дека може да се каже дека сме дигитално медиумско општество.

Затоа е добро што ќе ги отвориме овие теми, да видиме како новинарството може да преживее и да биде рамо до рамо со доминантните социјални медиуми, што медиумите би можеле да ѝ понудат на публиката опремена со лични дигитални редакции во своите телефони, и кои алатки може да ни помогнат за подобро пласирање, но и изработка на новинарските приказни.

Што ќе може да видат посетителите?

– Многу дебати, дискусии, работилници, триесетина говорници од Македонија и странство, интересни документарни филмови.

За отворањето на фестивалот, на 31 октомври, го имаме „Големиот упад“ (Тhe Great Hack), документарен филм за скандалот со „Кембриџ аналитика“ и злоупотребата на личните податоци на фејсбук-корисниците.

Имаме и документарец за децентрализиран интернет (The Decentralized Web is coming), за модерирање на содржините што се шират по социјалните медиуми – „Чистачите“ (The Cleaners), онлајн-закани на новинарки – „Мрачно место“ (A Dark Place), за иновативниот истражувачки колектив – „Белингкет“ (Bellingcat – Truth in a Post-Truth World).

Годинава ИФФС првпат ќе прикаже и игран филм, драмата „Официјални тајни“ (Official Secrets) заснована на вистински случувања. Во филмот игра Кира Најтли (Кетрин Ган), која споделувајќи тајни документи, се обидела да ја спречи американската инвазија врз Ирак. Овој филм ќе се прикажува во МКЦ како дополнителна програма на третото издание на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје на 4 ноември.

Би сакала да потенцирам дека сите содржини што ги нуди ИФФС се бесплатни за посетителите.

Со интерактивната содржина првпат на фестивалот на посетителите ќе им понудиме увид во виртуелна и аугментирана реалност. Во холот на „Кино Култура“ со помош на VR-очила фестивалските гости ќе имаат можност одблизу да ги доживеат документарните приказни на иновативното студио „Контраст“ од дигиталниот оддел на „Ал Џезира“.

А преку интерактивниот краток филм „Крадејќи ти ги чувствата“ секој ќе може да открие како апликациите, користејќи вештачка интелигенција, ги читаат емоциите од неговото лице. Ова ќе биде мошне интересен дел за нашите гости и ќе им биде достапен цело време додека трае фестивалот.

Кој сè ќе биде дел од овогодинешново издание на Фестивалот?

– Имаме многу гости, експерти од медиумската област од Македонија и од странство.

Марија Фернанда Лаурет од „Контраст“ ќе претстави дел од иновативните начини на известувања што ги прават за правата на бегалците и човековите права.

Ја имаме и Ана Јакимовска, доктор на науки од областа на вештачка интелигенција, која има работено во престижни британски медиуми како Guardian, Sky News, BBC и Channel 4.

Кирилс Соловјовс, ловец на багови, активист за креирање ИТ-политики и најистакнатиот етички хакер во Латвија, ќе открие каква цена плаќа општеството кога луѓето сметаат дека нема што да кријат.

Матијас Еркиле е главен уредник на Svenska Yle, отсекот на шведски јазик при финскиот јавен сервис Yle. Тој е експерт за блокчејн-технологијата и ќе ни каже кои се можностите што таа ги нуди во новинарството.

Покрај веќе искусни македонски новинари кои ќе дебатираат за проблемите со кои се соочуваме и каде сме во дигиталната ера, шанса да го кажат своето мислење ќе имаат и наши млади новинари.

Ние како организација работиме со млади новинари и сметаме дека тие имаат многу што да кажат. Повеќе за програмата може да прочитате и на 2019.iffs.mk/mk/programa.

На кои теми ќе се дебатира?

– Годинава може да се пофалиме со бројка од седум дебати и дискусии и шест работилници, триесетина говорници од Македонија и од странство.

Ќе имаме дебата за новинарството и медиумите во дигиталната ера и социјалните мрежи, каде одиме, дебата за потенцијалот на неформалното новинарско образование, каква е состојбата на новинарките во македонската медиумска сфера, ќе го анализираме и акцискиот план на Владата за борба против лажни вести.

Една од главните дебати ќе биде на нашата водечка тема, па ќе видиме до каде се дигиталните редакции во Македонија.

Дали фестивал од ваков тип може да ги подобри состојбите во македонското новинарство?

– Во Македонија како да стана правило проблемите да се ставаат под тепих, да се молчи за нив наместо гласно да се зборува. Ваква апатија во сите сфери од нашето општество мислам дека немало. Како да изгубивме надеж дека можеме подобро. Така е и во новинарството.

Многу проблеми имаме во нашата фела, а малку настани, конференции и збиднувања на кои се зборува за нив. Тоа е, според мене, една од најголемите придобивки од овој тип фестивали.

Да се собереме на едно место, поискусните колеги, младите новинари, професионалци од повеќе области и да зборуваме за предизвиците со кои се соочуваме и што може да промениме. Тоа е само една од целите на фестивалот, но е многу значајна.

Состојбите со новинарството никаде не се идеални, тоа ќе го чуете и годинава од гостите од странство. Но, проблемите се решаваат кога се зборува за нив, кога се бараат решенија. Не за џабе брејнстормингот е една од главните алатки во новинарството. Добрите идеи се раѓаат кога се разменуваат искуства и добри практики.

Колку сте задоволни од претходните изданија на Фестивалот и кои Ви се очекувањата за оваа година?

– Кога ќе се сетам на првата година кога го организиравме фестивалот и како се роди идејата, а и колку брзо го организиравме… Навистина е задоволство да се биде дел од тимот. Ние сме една мала екипа, но многу добро се познаваме, сите сме ентузијасти и најважно од сѐ – го сакаме новинарството.

Успеавме да привлечеме многу гости, домашни и странски. И нам, новинарите ни е потребна јавна поддршка, но и ние мора да се едуцираме.

Исто така важно е да ја информираме публиката за тоа колку е значајна слободата на новинарството, истражувачкото новинарство. Дел од нашата публика не ни знае низ каков процес поминува новинарската работа и колку е тешко да се работи оваа професија. Со вакви јавни настапи на новинарите добивката е обострана.

Партнери во оваа убава приказна ни се ФЕС Скопје. Ги препознаа нашата идеја и ентузијазам и сите сме им многу благодарни за тоа. Годинава една од работилниците ја правиме и во соработка со Претставништвото на УНХЦР во Скопје.

Ќе презентираме и два проекта што ги прави ПИНА во моментов, програмата „Жени новинарки за посилно граѓанско општество“ поддржана од Цивика Мобилитас и програмата за мобилно новинарство која е дел од проектот – „Преку мобилно новинарство до зголемување на медиумската писменост“, реализиран со поддршка од грант-програмата на проектот „Медиумите за граѓаните – граѓаните за медиумите“, финансиран од Европската Унија.

Оваа година очекуваме да се развијат успешни дебати и дискусии, да имаме многу посетители и, секако, сите да научиме нешто ново.

На сите ни е тешко да држиме чекор со брзорастечката технологија, новинарството не е исклучок, но истовремено се јавуваат многу опасности. Најважно е да успееме да го сочуваме квалитетното новинарство, да го развиваме истражувачкото новинарство и да им помогнеме на младите новинари и студентите по новинарство да го најдат вистинскиот пат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Најпродаваниот модел на „Грин Машинс“ на Брако продолжува да биде атрактивен за Саудиска Арабија

Редакција

(Галерија) „Мал Битолски Монмартр“ во Бигорски: Деца од цел свет ја цртаа архитектурата на манастирот

Редакција

Пендаровски: Силна осуда за воените дејствија кои Русија ги презема над Украина

Редакција