еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Јавниот сектор во пократок рок ќе ги исплаќа обврските кон приватниот

Ќе се намалува рокот во кој јавниот сектор ќе ги исплаќа обврските што ги има кон приватниот сектор, предвидуваат предлог-измените на Законот за финансиска дисциплина што ги подготви Министерството за финансии.

Со нив се предвидува постепено намалување на рокот на плаќање на обврските од 60 на 30 дена на субјектите од јавниот сектор чии сметки се во трезорската сметка на Министерството за финансии, како и од 90 на 60 дена на субјектите од јавниот сектор чии сметки се во рамки на трезорската сметка на Фондот за здравствено осигурување.

Според Предлог-законското решение, од јануари 2023 година рокот за подмирување на обврските чии сметки се во рамки на трезорската сметка на Министерството за финансии ќе треба да биде 50 дена, од јануари 2024 година да изнесува 40 дена, за веќе во 2025 година тој рок да е 30 дена.

Рокот за подмирување на обврските кај субјектите чии сметки се во рамки на трезорската сметка на Фондот за здравствено осигурување од јануари 2023 година ќе треба да биде 80 дена, од јануари 2024 година 70 дена и во јануари 2025 година ќе се намали на 60 дена.

– Со измените се врши усогласување со роковите за исполнување на паричните обврски согласно Директивата за задоцнето плаќање, велат од Министерството за финансии.

Во актуелниот Закон за финансиска дисциплина е уредено дека во деловните трансакции меѓу субјект од јавниот сектор и економски оператор од приватниот сектор, кога субјектот од јавниот сектор се јавува како должник, не може да се договори рок за исполнување на паричните обврски подолг од 60 дена.

Во случај на трансакција кога Фондот за здравствено осигурување, јавните здравствени установи, универзитетските клиники, заводите и ургентните центри се јавуваат како должници, не може да се договори рок за исполнување на паричната обврска подолг од 90 дена.

Предлог-законското решение е ставено на ЕНЕР.

Законот за финансиска дисциплина е во сила од мај 2014 година и со него, како што наведуваат од ресорното Министерство, се обезбедува сигурна наплата на побарувањата и се обезбедува ликвидноста на компаниите.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

И официјално вето од Бугарија: „Не„ за преговори со ЕУ за Македонија, „Да„ за Албанија

Редакција

OKTA: Солидни оперативни резултати со исклучителен обем на продажба и зголемена прилагодена ЕБИТДА во услови на намалени меѓународни цени на горивата

Редакција

Намалена добивката на „Тетекс“

Редакција