еМагазин
Image default
Бизнис

Азески: Мора да продолжиме да работиме исто како да сме добиле датум

Од денес мора да продолжиме да работиме исто како да сме добиле датум минатата недела – Македонија нема друга алтернатива и мора да продолжи да оди по европскиот пат. Заради тоа, повикувам сите политички чинители во државата да ги преземат сите дејствија за доекипирање на тимовите кои би учествувале во преговарачките процеси и да се анимираат сите експертски и професионални потенцијали, сите ресурси во општеството, и активно, секојдневно да се продолжи работата за приближување кон европските вредности, традиции и принципи, порача претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески.

Во соопштение до медиумите, Азески наведува дека недобивањето датум за почеток на преговори не е причина за да се бараат изговори и откажувања, заедничките тимови, како што вели, мора да продолжат непрекинато да работат, без оглед на најавените избори, а „ако сакаме воопшто и да помислиме на ЕУ, не смее ни да се помисли на било што друго освен спроведување на изборниот процес по највисоките европски принципи“.

Нагласува дека Стопанската комора на Македонија, како најстара и најзначајна бизнис-асоцијација во земјата, врз основа на искуствата на нејзините партнерски комори од тие земји во водењето на пристапните приговори на Словенија, Хрватска и Бугарија, како сериозна институција има донесено документ за нашето партиципирање во тој процес.

-Во тие земји, претставниците од коморите биле активно вклучени во целиот тек на преговарачките процеси, па дури и биле главни преговарачи за определени поглавја (вклучувајќи ги на пример, поглавјата 11, 12 и 13 поврзани со секторот земјоделство), наведува претседателот на Стопанската комора. Затоа, и јавно декларираме дека сме подготвени да ги ставиме сите свои капацитети (стручната служба на Комората и база на повеќе од 950 менаџери, стопанственици и експерти од различни области, вклучени во органите и телата на Комората) на располагање во тој процес. Заеднички мораме да продолжиме да ги правиме сите потребни реформи не затоа што некој друг од надвор ни ги бара, туку затоа што се неопходни, истакнува Азески.

Фото: СКМ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Фондот за здравствено осигурување без тендер склучи договор со Македонски пошти вреден 9 милиони денари

Никола Осило

„Порше лизинг“ го доби тендерот на Здравствен дом-Скопје за набавка на 13 возила вреден 224.000 евра

Редакција

Директорот на Паркинзи на општина Центар вработува помошник за односи со јавноста за плата од 30.162 денари

Никола Осило