еМагазин
Image default
На кафе во Кантина ТОП СТОРИИ

Билјана Ивановска, претседателката на Антикорупциска: Желбата за правда ме води низ животот

Имаме и ние херои за правда и борба против корупцијата во Македонија. Една од нив е претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Билјана Ивановска.

Оваа независна институција, предводена од неа, за само една година отвори бројни предмети за непотизам, злоупотреба на службена должност, судир на интереси, потекло на имот и направи многу повеќе отколку цел еден мандат на претходни состави на ДКСК или позната во јавноста и како Антикорупциска комисија.

Ивановска во рубриката на еМагазин, „На кафе во Кантина“ за прв пат зборува за нејзиниот приватен живот, за нејзините предизвици, за работата…

Сакав да работам во банка

Со насмевка на лицето се сеќава на детството, кое како што вели било среќно и безгрижно без интернет и мобилни телефони, исполнето со детска игра и бројни школски активности.

“Ја имав таа среќа што се образував во време кога наставниците и професорите беа многу посветени на својата работа и уживаа голем авторитет кај учениците, а и во општеството. Ги имав најдобрите учители, ни беа како втори родители кои не само што не образуваа, туку и не воспитуваа и не учеа за многу значајни животни лекции.

Посветени професионалци кои негуваа високи вредности, знаеја да мотивираат да извадат максимум од нас учениците.

Во тоа време училиштето беше центар на сите активности, редовни и дополнителни. Таму играв ракомет, одев на хор и оркестар, но и на популарните секции: литературна, математичка, биолошка и секако на драмска, особено кога требаше да се подготви нешто за патронат.

Едноставно бевме поттикнати да го дадеме најдоброто од себе, но исто така што е многу важно научивме да го почитуваме и до вреднуваме трудот на останатите“, раскажува таа.

Нејзиниот татко бил чевлар – познат еснаф во Старата скопска чаршија. Бил дипломиран економист, но никогаш не се откажал од занаетот и бил голем борец за правата на занаетчиите како нивен претставник во Собранието на Град Скопје. Тој е еден од основачите на Домот на занаетчиите во Старата чаршија.

Мајка и, својата кариера ја започнала во поранешното ЕСМ, но потоа се посветила на семејството и трите деца.

„Моите родители ме научија да градам и почитувам вредности. Беа многу принципиелни и праведни. Растевме со реченицата: „Во наша куќа има ред“.

Татко ми имаше дарба за пишување песни, па и драми посветени на неговиот другар и соборец Цветан Димов, кои се изведуваа во училиштето за патронатот. Од него ја наследив дарбата и желбата за пишување, па и јас пишувам песни.

И мајка ми имаше голема улога во градењето на мојата личност. Беше перфекционист, ме научи да бидам темелна, трпелива и доследна во работата. Често ни повторуваше: „Мрзата е најголем непријател на човекот“. Сега јас на моите деца им го повторувам истото“.

Сепак Ивановска во овој период од нејзиниот живот најмногу ја интересирла математиката и се замислувала дека еден ден ќе работи во банка.

Имаше сплотеност помеѓу младите

Средно образование завршила во најстарата скопска гимназија „Цветан Димов“.

За тој период од живот разбирливо во најсвежо сеќавање и се добрите журки, одењето во диско, собирањето пред култната „Ванила“…

„Имаше тогаш многу сплотеност и дружба помеѓу младите. Беше многу порелаксирано време од денеска“.

Математиката и работењето во банка се уште и се во мислите, и се запишува на Економскиот факултет во Скопје на финансиско сметководствено банкарски смер.

Прво работно искуство-часови по математика

По дипломирањето на Економски факултет, три години е без работа, па за да заработи извесно време дава часови по математика.

Овој временски период го искористува и за магистратурата на истиот факултет, од областа на монетарната економија.

Во 1989 година како резултат на државните мерки за вработување е распоредена на определено време во македонското Собрание во собраниските тела за економски прашања, каде останува шест години.

„Таму во текот на три собраниски состави имав можност и да видам како се менуваа работите. Кога започнав да работам во Собранието беше последниот состав на делегатите со свои претставници во Сојузното Собрание на Југославија. Следеше осамостојувањето на нашата држава и доаѓање на првите пратеници на независна Македонија. Слободно можам да кажам дека старите делегати беа многу скромни и кафето од 7 денари си го плаќаа сами“.

По заминувањето од Собрание се вработува во Министерството за финансии, каде работи четири години во Секторот за буџет и фондови, период кога на чело на МФ беа тогашните министри Таки Фити, Борис Стојменов и Никола Груевски.

Во Државна ревизија си го најдов вистинското место

Следен предизвик во нејзината кариера е вработувањето во Државниот завод за ревизија (ДЗР), новоформирана институција која своите корени ги влече од Секторот за финансиска ревизија на тогашниот Заводот за платен промет. Таму работи од 2000 година, односно само една година по нејзиното формирање и останува 13 години.

Постојаната желба за правда, е нејзината животна водилка.

“Не можам да трпам неправда, па конечно го најдов моето вистинско место за да продолжам да го градам мојот професионален мозаик со искуството и образованието што веќе ги имав“.

Тоа е најдобар период за нејзе, но и за оваа независна институција која во првите 10 години се развиваше многу добро и изгради авторитет и углед, за разлика од вторите 10 години кога ДЗР требаше да одигра многу посилна улога во државата.

Низ годиниве оваа институција објави бројни извештаи на кои работела и таа, кои покажаа многу пропусти и незаконитост во работењето на државните институции.

“Најголемо задоволство е кога ревизорскиот извештај ќе се разбере правилно и добронамерно и ќе придонесе за подобрување на состојбите.

Имав среќа, чест и задоволство да го учам ревизорскиот занает од еден од најдобрите ревизори во ДЗР, и да се изградам во ревизор со личен интегритет.

Во моето 13 годишно работење во ДЗР, со целосна посветеност и професионализам заедно со мојот тим имаме направено повеќе од 60 ревизии во различни субјекти (Буџет на РМ, Јавен долг, Влада на РМ, министерства, агенции, единици на локална самоуправа, јавни претпријатија, политички партии, казнено поправни установи, здравствени установи и социјални центри), како и повеќе ревизии на успешност од областа на јавниот долг, земјоделството – во делот на директните плаќања/субвенции, социјалната заштита и ресоцијализација на затворениците во КПУ. Зад работата на мојот тим стојат наоди и препораки кои се многу значајни за нашето општество.

Индикатор за успешноста сметам дека е отсуството на приговори од страна на ревидираните субјекти и покрај бројните наоди во нивните извештаи, што се должи на професионална работа, успешно презентирање на ревизорските докази и прифаќање на наодите од нивна страна“.

Сепак смета дека во работењето на таа институција и недостасувала поголема вклученост на ревизорите во презентирање на наодите пред стручните тела во институцијата, како и поголема транспарентност и отвореност кон јавноста, и тоа од процесот на подготовка на Годишниот план за работа, па се до известувањето.

„Искрено се надевам дека работите ќе се менуваат, а оваа институција ќе си ја одигра својата вистинска улога“.

Во 2013 година пред нејзе е нов предизвик. Се вработува во Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош, како самостоен ревизор, раководител на тим во Сектор за ревизија на програми финансирани од ИПА за земјоделие и рурален развој (ИПАРД).

„Убав период од мојот работен век. Ревидирајќи проекти од областа на земјоделството и руралниот развој ми се зголеми надежта и вербата дека од оваа земја, на која природата и дала толку многу, можеме да направиме успешна приказна и да градиме европски проекти“.

Прва антикорупционерка

Од пред една година Ивановска е претседателка на Антикорупциска комисија.

Имиџот на оваа независна институција драстично се смени на подобро, од нејзиното доаѓање и во делот на ефектот од предметите што ги отвори, но и во делот на многу поголема транспратеност.

ДКСК има поведено 25 Иницијативи за поведување постапка за утврдување на одговорност на службено лице до надлежните институции.

Исто така, ја извести и Владата на Република Северна Македонија за утврдена состојба на судир на интереси на член на Владата, како и за постоење на сериозни индиции дека одговорни лица во државни институции, каде како основач се јавува Владата, имаат влијание во постапка за вработување на блиски лица на одредени функционери.

Покрај тоа ДКСК достави и 2 Барања за поништување на Одлуката за избор на кандидати за вработување, поднесе 8 Иницијативи за поведување постапка за кривично гонење до Јавното обвинителство, во 2 предмети донесе Одлука за барање за преиспитување на Одлуката за избор на кандидати за вработување, а донесе и 2 одлуки за изрекување мерка – јавна опомена.

Во насока на зајакнување и реализирање на превентивната улога на ДКСК, а во согласност со новиот Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, ДКСК достави: укажување за не спојливост на функцијата Претседател на Владата на РСМ и функцијата Министер за финансии; известување до општина за судир на интереси на советник на општината кој се јави во улога на економски оператор, како и општо укажување до сите општини и Градот Скопје во однос на пријавување на правните лица во сопственост на функционерите и укажа на ограничувањата во соработката на службените лица со правни лица, кои се во нивна сопственост или во сопственост на нивни блиски лица, а во насока да превенира потенцијален судир на интереси што ќе настане доколку не се почитуваат ограничувањата од Законот за спречување корупција и судир на интереси.

Вели дека за сега институцијата нема притисоци од никого и дека е свесна за предизвиците и одговорноста на оваа позиција.

„Поради кумулирани разочарувања во подолг временски период, граѓаните имаат големи очекувања. Даваме се од себе со единствена цел – состојбите во нашата држава да се променат на подобро.

Работиме во непроменети услови како и претходните комисии, но се потрудивме да испорачаме сосема различни резултати. Но, една птица не ја прави пролетта. ДКСК е само една алка во синџирот на институции кои треба да се справат со корупцијата.

Секоја институција треба преку градење на системот на вредности и квалитет да се избори за својот институционален интегритет. Единствено на тој начин ќе се избориме за подобар и поправеден живот, и ќе ги отстраниме причините за иселување на спремни образовани кадри чија професионалност и квалитет, за жал, се препознаени и признати само во странство“.

Генерално е задоволна од соработката со институциите, но не е задоволна од реакциите на Јавното обвинителство.

„Бев изненадена кога разбрав со колку сериозни материјално технички и кадровски проблеми се соочува Јавното обвинителство. Од една страна нема пари за компјутеризација на процесите во Обвинителството, а од друга страна огромни буџетски средства се трошат на непродуктивни расходи. Поради тоа, Јавното обвинителство не може побрзо да реагира на иницијативите за кривично гонење и останува да биде кочница “.

Во втората половина од мината година ДКСК, заедно со претставници на повеќе државни институции, меѓународни организации, граѓански здруженија и медиуми  ја подготвуваше Националната стратегија за борба против корупција. На јавна седница Комисијата ја донесе Стратегијата и ја достави до Собранието на РС Македонија. Иако беше ставена на дневен ред, сепак немаше доволно политичка волја за да се усвои.

„Во овој период работиме на повеќе случаи поврзани со вработувања, образование, здравство, енергетика, градежништво, животна средина и сл. Особено ја користиме и алатката за Антикорупциска проверка на легислативата, оти преку корупција во легислативата се злоупотребува политичката моќ и влијание, со цел да се задоволат лични интереси за остварување поголем профит“.

Исто така фокусот во работењето на Антикорупциска периодов е ставен и на предизборието.

„ДКСК ќе го следи финансирањето на политичките партии и финансирањето на изборните кампањи преку повеќе алатки меѓу кои: веб апликација за пријавување неправилности, веб апликација со ажуриран регистар на службени возила, веб сервиси за поврзување со деловните банки и следење на трансакциските сметки на партиите.

Во однос на следењето на трошоците за време на изборната кампања, ќе воспоставиме мониторинг на извршениот превоз, рекламен материјал, рекламирање со плакати и рекламни паноа и билборди од страна на организаторите. Заедно со Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата заради дефинирање на информации и податоци ќе преземеме низа мерки и активности за зајакнување на механизмите за мониторинг над процесот.

Со цел да се избегне секаков вид влијание врз гласачите ДКСК постојано укажуваме на потребата државните институции во наредниот период да внимаваат не само на почитување на законските норми од Изборниот законик и други закони што го регулираат изборниот процес, туку да внимаваат и на начелата на добро управување и интегритетот, кои пред се и влијаат на легитимитетот на севкупниот изборен процес“.

Во блиска иднина Антикорупциска ќе работи и на останатите привилегии на функционерите, откако отвори предмет за патните трошоци и привилегиите на поранешните претседатели. Следна на „тапет“ ќе биде анализата за користењето на службените возила.

„Анализата треба да покаже колку буџетски средства се трошат за користење на службените возила,  дали користењето е регулирано со под законски акти и дали тие се почитуваат, или пак ризикот од користење на службените возила за приватни цели е се уште висок. По оваа анализа следи анализата за користење на апанажата, како и анализата за користење на репрезентација“.

Мајка на три деца

Ивановска е мајка на три деца, две ќерки и еден син.

Ќерките работат во ИТ секторот за странски фирми овде, а синот е прва година средно.

Сопругот и е исто така економист и работи во шпедиција.

Ивановска е голем љубител на природата и поборник за здрава животна средина па затоа насекаде се движи со велосипед, со кој и дојде на интервјуто.

„Природата била многу дарежлива кон нашата земја. Затоа треба да ја заштитиме и чуваме “.

Редовно вежба пилатес.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Аеродромите во Скопје и Охрид со 2,4 милиони патници во првите девет месеци

Редакција

За еден месец регистрирани нови 927 невработени лица

Редакција

Вулнет Винца избран за претседател на Основен суд Струга, Емине Мурати за судија во Апелационен суд Гостивар

Редакција