еМагазин
Image default
Бизнис

Бизнисмените прашуваат дали Владата размислува за „увоз“ на работници

Дали Mинистерството за труд и социјална политика размислува за увоз на работна сила од трети земји, бидејќи нашата заминува и дали државата е фокусирана на ослободување на законската регулатива за ангажирање на работници од странство, беше едно од главните барања на панел дискусија на Локалниот социјален економски совет што се одржа денеска во Струмица во организација на МТСП на која се вршеше консултација во врска со Оперативниот план за вработување за 2020, со фокус на регионалните и локалните проблеми, предизвици и потреби.

Митко Димитровски, претставник на компанијата „Еленица“ од Струмица, кој беше еден од оние кои го поставија ова прашање додаде и дека ова не е само проблем на нашата државата заради масовното иселување, туку е и регионален проблем.

Стопанствениците изнесоа податоци дека оваа година во Хрватска имало ангажирано голем број работници од трети земји, а во некои земји од регионот имало формирано компании кои посредувале за ангажирање на странска работна сила.

Ксенија Вангелова од „Бизнис иновацискиот центар“ смета дека за компаниите е поисплатливо да ангажираат искусни работници кои со преструктирање можат да се носат со предизвиците на поквалитетното работење, отколку да ангажираат нови за кои е потребно повеќе време за нивно вклучување во процесот на производството.

Според претставниците на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување сите предлози ќе бидат инкорпорирани во Оперативниот план за вработување за наредната година. Притоа истакнаа дека мерката Гаранција за млади е една од најуспешните мерки и во Струмичко интересот на младите на возраст до 29 година бил мошне голем.

Инаку, неколкумина стопанственици на самиот почеток ја напуштија панел дискусијата заради неприсуството на заменик претседателот на Владата, Кочо Ангушев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и директорката на Агенција за вработување-Билјана Јовановска. Тие беа најавени од организаторите, но како што беше кажано на почетокот поради неодложни обврски не можеле да присуствуваат на настанот во Струмица.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

УЈП разјасни повеќе нејаснотии околу враќањето ДДВ од фискални сметки

Редакција

Марио Брачи избран за nеизвршен член на Одборот на директори на Цементарница Усје

Редакција

ТЕЦ Неготино се присоединува кон ЕСМ

Редакција