Ако на некој бизнис во Македонија добро му оди, тоа е сигурно бизнисот со канабис за медицинска употреба. Бројот на компании кои влегуваат во овој бизнис постојано расте.
Од Владата за еМагазин информираат дека до сега се издадени 27 лиценци за производство за одгледување на канабис за медицински цели.
„Во Република Северна Македонија, досега се издадени 27 лиценци за производство за одгледување на канабис за медицински цели.
Сите правни лица кои сакаат да добијат дозвола мора да обезбедат заштита на земјоделските култури, дваесет и четири часовна безбедност високи стандарди за изградба на лабораторијата и неговата опрема.
Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, на сите кои ги исполниле условите согласно Закон им дава одобрение за сеење/садење на канабис за медицински цели.
Согласно законот, во Република Северна Македонија, прецизно е утврдено кој, каде и колкави количини произведува, колку сува маса е собрана и колку масло се екстрахирало од секоја парцела за која сме издале дозвола.
Сите 27 правни лица кои поседуваат лиценца за производство на канабис за медицински цели ги исполнуваат законските услови и стандарди.
Владата исто така го контролира целосното одгледување, трговија и преработка на канабисот за медицински цели. Исто така Ве информираме дека сите надлежни институции континуирано вршат редовни контроли на терен.
Секаде каде се затекнуваат неправилности, согласно Законите во Република Северна Македонија се предвидени соодветни казни“, велат од Владата.
Бизнисот допрва ќе расте
Светла иднина на овој бизнис му прогнозира и американскиот претприемач, познат како Биг Мајк, кој одгледува марихуана за медицинска, но и за рекреативни цели.
Како што е познато, тој неодамна беше во посета на земјава, и имаше средби со премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, со градоначалник, но и бизнисмени, за кои дознавме од неговиот Инстаграм профил, а по заминувањето од земјата, тој најави дека за 2-3 години ќе станеме ервропска суперсила во оваа облас, најави негова инвестиција, а повика и други инвестиции.
И самиот Заев во една прилика повика на инвестирање во овој бизнис.
Познато е дека членови на неговото пошироко семејство, веќе се влезени во овој бизнис.
Бизнис не за секој
Покрај строгите правила и прописи за да се влезе во овој бизнис, регулирани со закон, донесен од претходната Влада, новата дополнително го направи влегувањето во овој бизнис уште потешко.
Па така, со измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, за да почнете бизнис со канабис за медицинска употреба во Македонија ќе Ви треба банкарска гаранција од дури 1 милион евра, што е типично за отварање на пр. на банка, и минимум 15 вработени, што во старт го оневозможува влегувањето на мали и средни фирми, а уште потешко е да во овој бизнис влезат и претприемачи.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
За да влезете во бизнисот со медицински канабис Ви треба банкарска гаранција од 1 милион евра!